Лионел Меси се пресели во Пари сен Жермен Видео
Аргентинецот Лионел Меси (34) потпиша двегодишен договор, со опција за уште една, трета година, со Пари сен Жермен, по неочекуваното заминување од Барселона, која не можеше да си дозволи нов договор според финансиските правила за ферплеј на Ла лига.
– Нестрплив сум да започнам ново поглавје од мојата кариера во Париз. Клубот и неговата визија се во совршена хармонија со моите амбиции. Едвај чекам да стапнам на теренот на „Паркот на принцовите“. Ова ќе биде ново искуство за мене, ќе имам нови ривали и многу сум среќен што ќе ги доживеам сите овие нови атмосфери- изјави Меси, кој можно е да дебитира за ПСЖ на мечот дома, в сабота со Стразбур.
Меси, кој ќе го носи дресот со број 30, ќе игра во нападот заедно со двајцата најскапи играчи на сите времиња, Нејмар и Килијан Мбапе. Покрај нив, во ПСЖ се и неговите сонародници Мауро Икарди, Анхел ди Марија и Леандро Паредес. Меси, кого го сметаат за еден од најдобрите играчи на сите времиња, постигна рекордни 672 гола на 778 меча за Барселона, клубот на кој му се приклучи како 13-годишник. Тој освои рекордни шест „златни топки“ и 35 трофеи со каталонскиот клуб. Тој е четвртото засилување летово на ПСЖ, кој доаѓа како слободен играч, по играчот од средниот ред на Ливерпул и на Холандија, Џорџинио Вајналдум, дефанзивецот на Реал и Шпанија, Серхио Рамос, и голманот на Милан и на Италија, Џанлуиџи Донарума. Нов играч на ПСЖ е и одличниот бек, Мароканецот Ахраф Хакими, кој дојде од Интер.
Главна амбиција на ПСЖ е освојување на Лигата на шампионите (ЛШ), во која најблиску до триумф беше во 2020 година, но во финалето загуби од Баерн Минхен (0-1). Избраниците на Маурисио Почетино минатата сезона завршија на второто место, зад Лил, во француската Лига 1.
Comments