top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Лига на шампионите – 30 години промени

ФУДБАЛ

Лесно е да се заборави од каде дојде Лигата на шампионите (ЛШ). Пред три децении, Европската фудбалска унија (УЕФА) понекогаш не знаеше во кој ден ќе се играат мечевите дури 48 часа пред почетокот, во првата сезона во ЛШ, некои од играчите уште беа аматери, воведното издание во сезоната 1992/1993 почна со две нокаут-рунди помеѓу септември и ноември, а Лидс и Штутгарт мораа да играат трет меч, на неутрален терен, во првото коло, пред 90.000 празни седишта на „Ноу камп“ во Барселона, откако германската екипа го прекрши правилото на УЕФА за настап само на тројца странци, пишува „Би-би-си“. Осум екипи напредуваа и беа поделени во две групи, а мечевите се играа од ноември до април. Победниците на групите играа во финалето. – Пред мечот со Порто, јас и еден пријател бевме на работа до седум часот наутро, а потоа игравме од 20.45 часот. Бевме полупрофесионалци. Трениравме многу, не помалку од Порто. Но немавме иста финансиска состојба. Португалските медиуми беа таму и направија филм за телевизија. Луѓето од телевизијата рекоа дека е неверојатно дека работиме и дека не е можно да се победи Порто, кој имаше добар тим во тој период – се сеќава поранешниот играч од средниот ред на Гетеборг и на Шведска, Стиг Хокан Милд. Гетеборг го доби тој натпревар со 1-0. Во ЛШ имаше по еден клуб од земја. Шампионите на Шкотска и Шведска во суштина беа полуфиналисти. Звучи како чудно, минато време, далеку од глобалниот феномен што го препознаваме сега, но, сепак, претставуваше голема разлика од она што беше претходно, пишува „Би-би-си“. Европскиот куп на шампионите се играше од 1955 година, но поголемите клубови не беа задоволни со тоа. Во 1980-тите имаше идеја за нов и комерцијално поисплатлив натпревар. УЕФА им го даде на тие клубови она што го сакаа, додека се обидуваше да одржи инклузивно натпреварување, пишува „Би-би-си“.

– Клубовите секогаш излегуваа со предлози за да имаат повеќе мечеви и да гарантираат повеќе пари. Уште имавме нокаут-систем и во европскиот куп имавме само по еден тим од секоја земја, значи само пет тима од петте големи ТВ-маркети. Истото тоа и во Купот на победниците на куповите. Но во Купот на УЕФА земјите имаа повеќе од еден тим. Имаше повеќе средби и повеќе шанси клубовите од поголемите пазари да се сретнат. Комерцијално тоа стана натпреварување што имаше поголем потенцијал од Европскиот куп. Тоа стана невозможно. Сфативме дека ако УЕФА не дејствува и не ги земе работите во свои раце, веројатно ќе ја изгуби контролата над овие натпреварувања – вели Герхард Ајгнер, кој беше генерален секретар на УЕФА од 1989 до 2003 година, пренесува „Би-би-си“. Новото натпреварување, ЛШ, со новиот пакет за емитување, проширениот формат, беше моментен успех. – Сакавме да го направиме што е можно попривлечно за гледачите, за ТВ и за самите клубови. Гледавме и преку океанот на американскиот начин на организирање на Супербоул. Не само што можевме да импресионираме во однос на финансиите туку можевме да импресионираме и во однос на презентацијата на натпреварувањето, а веројатно и однесувањето на тимовите на теренот. Играчите сфатија дека играат на различно ниво. Тие беа посвесни за фактот дека сега се на оваа платформа каде што треба да дадат одреден пример. Не знам дали тоа е така и денес, но одредено време имав чувство дека имаме подобар производ на теренот од порано. Мислам дека дури и самите клубови и соодветните национални лиги беа изненадени како се прави тоа – вели Ајгнер. Но работите се развија многу драматично и многу брзо. Во првите две сезони од новата ЛШ, англиските клубови што учествуваа, Лидс и Манчестер јунајтед, не успеаја да се пласираат во групната фаза. Во инаугуративната сезона 1992/1993, отсуствуваа и шпанската и германската екипа. Промените дојдоа во сезоната 1994/1995. Шампионите на осум земји, вклучувајќи ги Англија, Италија, Германија и Шпанија, отидоа директно во групната фаза, проширена со четири групи со по четири тима. Бидејќи квалификацискиот процес беше одземен, 22 победници на националните лиги беа исклучени и беа ставени во квалификациите за Купот на УЕФА. Во 1995 година пресудата за случајот „Босман“ ги промени прописите за ангажирањето фудбалери. Како резултат на тоа, мораше да се укине правилото на УЕФА дека клубовите можеа да играат со максимум тројца странски играчи (плус двајца што играле во таа земја непрекинат период од пет години, вклучувајќи и три како јуниори).

– Не можевме да знаеме за одлуката што ќе ја донесе Европскиот суд за случајот „Босман“.Тоа ја дебалансира целата ситуација, бидејќи оние клубови што дотогаш можеа да се натпреваруваат со сопствени таленти на највисоко ниво, не можеа повеќе да го сторат тоа, затоа што почнаа да ги губат своите таленти уште на многу рана возраст. Исто така, не го добивме правилно моделот на финансиска распределба во национален контекст, бидејќи парите што доаѓаа за клубовите од Европа одеа само за оние што играат европски фудбал. Но другата грешка што ја направивме беше што им помогнавме на големите клубови со тоа што им дадовме четири места наместо две. Сѐ додека имавме две, а две мораа да се квалификуваат, другите земји со нивните шампиони имаа реални шанси. Сега вратата е премала за да влезат во конкуренција – вели Ајгнер, пренесува „Би-би-си“. Во 1997 година второпласираните од осумте највисокорангирани лиги, според коефициентите на УЕФА, првпат беа примени да играат во ЛШ. Сите осум влегоа во последното квалификациско коло и сите се пласираа во групната фаза. Седум од осумте четвртфиналисти таа сезона беа од една од „големите пет“ лиги, Англија, Германија, Италија, Шпанија и Франција, пишува „Би-би-си“. Оттогаш, секоја сезона најмалку по шест од четвртфиналистите се од тие пет лиги. Во четири наврати тие придонесоа за целиот четвртфинален состав. Во сезоната 1999/2000 имаше нови промени, беа дозволени четири екипи од најголемите три лиги, од кои две преку квалификациите. Десет години подоцна три клуба од Англија, Италија и Шпанија влегоа директно во групната фаза, а од сезоната 2018/2019 четири екипи од најголемите четири лиги играат директно во групната фаза и бројот на места од квалификациите се намали од 10 на шест. Овие промени значеа повеќе мечеви во кои се вклучени најбогатите клубови и повеќето играчи од висок профил, пишува „Би-би-си“. Во 2024 година, ЛШ ќе ја укине групната фаза, повторно ќе се прошири, станувајќи единствена лига од 36 екипи во која секој тим ќе игра 10 меча со 10 клуба, половина дома и половина на гости. Две од дополнителните четири места ќе им бидат доделени на тимови што се претставиле најдобро во конкуренција на УЕФА во претходната сезона. – Не е исто. Тоа е индустрија денес. Тоа не беше индустрија пред 30 години. Можеби затоа што стареам, но беше пореално во тој период. Имаше повеќе срце во него – вели 51-годишниот Милд. Идејата за суперлига не исчезна. Пресудата на Европскиот суд на правдата треба да биде донесена напролет за тоа дали УЕФА треба да има монопол на организирање меѓународни турнири во сите земји, пишува, меѓу другото, „Би-би-си“.

ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ Две дерби-средби и репризи на неодамнешни финалиња

Две репризи на финалиња и големи дерби-дуели се на програмата за осминафиналето на Лигата на шампионите во фудбал, реши ждрепката влечена вчера во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА). Така, прво ќе има реприза на финалето од минатата сезона, но и од сезоната 2017/2018, откако меѓу себе ќе играат Ливерпул и Реал Мадрид, а потоа е и дуелот од финалето од пред две сезони, средбата Пари сен Жермен – Баерн. Другите двојки за осминафиналето се Лајпциг – Манчестер сити, Клуб Бриж – Бенфика, Милан – Тотенхем, Ајнтрахт – Наполи, Борусија Дортмунд – Челси и Интер – Порто. Првите средби се од 14 до 22 февруари в година, а реваншите се од 7 до 15 март.

ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ

Лајпциг – Манчестер сити Клуб Бриж – Бенфика Ливерпул – Реал Мадрид Милан – Тотенхем Ајнтрахт – Наполи Борусија Дортмунд – Челси Интер – Порто ПСЖ – Баерн


1 view

Comments


bottom of page