Ливерпул и Ајакс со по максимални шест победи
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
По натпреварите од шестото коло во групите А, Б, Ц и Д, познати се 12-те тима (преостанатите четири по синоќешните мечеви н.з.), Ајакс, Спортинг, Ливерпул, Атлетико, Реал М., Интер, Манчестер С., ПСЖ, Баерн М., Манчестер Ј., Челси и Јувентус, што се пласираа во осминафиналната, нокаут-рунда во Лигата на шампионите (ЛШ). Ливерпул и Ајакс забележаа нови победи, над Милан (2-1), односно Спортинг (4-2), и си обезбедија место во историјата на ЛШ како први тимови од Англија, односно Холандија, со максимален ефект, шест победи на исто толку натпревари во групната фаза. Со тоа тие им се приклучија на Милан (1992/1993), ПСЖ (1994/1995), Спартак М. (1995/1996), Барселона (2002/2003) и на Реал М. (2011/2012 и 2014/2015), кои беа неприкосновени во оваа фаза. Мохамед Салах го постигна израмнувачкиот гол и стана првиот играч на Ливерпул, по Јан Раш (шест сезони во низа, од 1981/1982 до 1986/1987), кој постигнал 20 гола (има и девет асистенции) во пет последователни сезони. Тој има постигнато и најмногу голови (7) за „црвените“ во групната фаза во ЛШ. – Многу сум горд на тимот, беше неверојатен натпревар. Ни требаше желба да го одиграме овој меч, што беше навистина тешко поради згуснатиот распоред. Упативме 21 удар, игравме многу добро, бевме организирани – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Ајакс е деветтиот тим во историјата на ЛШ што постигнал 20 и повеќе гола во групната фаза од ЛШ. Половината голови (10) ги постигна Себастијан Алер, најбрзо од сите на првите шест меча во ЛШ! Тој е вториот, по Кристијано Роналдо, што постигнал гол и повеќе на сите шест меча. – Се разбира дека не очекував оти ќе дадам 10 гола, особено не на првите натпревари. Единственото што сакав е да бидам активен учесник во сите мечеви. Десет гола не ни сонував, но среќен сум и горд на нив. Тренерот ни кажува сѐ што ни е потребно, а ние се обидуваме да останеме фокусирани – изјави Алерж.
Вкупно осум клуба имале стоотстотен ефект во групната фаза
Првпат во една сезона на фудбалската Лига на шампионите има повеќе од еден тим што групната фаза ја завршува без загубен бод, со сите шест победи. Тоа сезонава им успеа на Ајакс (гол-разлика 20-5) и на Ливерпул (17-6), а синоќа во трка за таков успех беше и Баерн. Сега, според податоците на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), вкупно осум клуба имале стоотстотен ефект во групната фаза, а од нив Реал Мадрид двапати (сезони 2011/2012, со гол-разлика 19-2, и 2014/2015, со 16-2). По еднаш ваков ефект имале Милан (сезона 1992/1993, со вкупна гол-разлика 11-1), Пари сен Жермен (1994/1995, со 12-3), Спартак Москва (1995/1996, со 15-4), Барселона (2002/2003, со 13-4) и Баерн (2019/2020, со 24-5). Од нив, само Баерн во соодветната сезона станал европски првак.
Во осминафиналето на сцена ново правило
По мечевите во вторникот, место во првиот барабан како првопласирани во групите обезбедија Манчестер сити, Ливерпул, Ајакс, Реал Мадрид, Баерн и Манчестер јунајтед. Носители ќе бидат и Челси или Јувентус од групата Х и победникот во групата Г (Лил, Салцбург, Севилја или Волфсбург). Неносители се ПСЖ, Атлетико, Спортинг и Интер, потоа Барселона или Бенфика од групата Е, Вилјареал или Аталанта од групата Ф, Челси или Јувентус од групата Х и второпласираниот од групата Г. Осминафиналето на ЛШ сезонава е во февруари и во март в година и тоа ќе бидат првите нокаут-мечеви во ЛШ по педесетина години во кои нема да важи правилото што беше „во игра“ до минатата сезона, за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат по две средби.
Резултати и табели
ГРУПА А: ПСЖ – Бриж 4-1, Лајпциг – Манчестер С. 2-1. Табела: Манчестер С. 12 бода, ПСЖ 11, Лајпциг 4, Бриж 4. ГРУПА Б: Милан – Ливерпул 1-2, Порто – Атлетико 1-3. Табела: Ливерпул 18, Атлетико 7, Порто 5, Милан 4. ГРУПА Ц: Борусија Д. – Бешикташ 5-0, Ајакс – Спортинг 4-2. Табела: Ајакс 18, Спортинг и Борусија Д. по 9, Бешикташ 0. ГРУПА Д: Реал М. – Интер 2-0, Шахтар – Шериф 1-1. Табела: Реал М. 15, Интер 10, Шериф 7, Шахтар 2.
Comments