Ливерпул е четврти клуб со двоцифрен број финалиња
05.05.2022 Maj Cetvrtok
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Ливерпул, шесткратниот европски фудбалски шампион (во 1977, 1978, 1981, 1984, 2005 и во 2019-та), се пласира во третото финале во претходните пет сезони, а вкупно 10-то во најквалитетното клупско натпреварување, откако го совлада Вилјареал, со 3-2 (вкупно со 5-2) на гости, во возбудливиот полуфинален реванш-натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), во кој на полувремето беше во негатива со 0-2. Во повеќе европски финалиња од Ливерпул играле само Реал Мадрид (16), Баерн (11) и Милан (11). Ливерпул вторпат ќе игра европско финале во Париз, по првото во 1981 година, кога го совлада Реал Мадрид со 1-0. Единствената разлика е стадионот, тогаш се играше на „Паркот на принцовите“, а сега на „Стад де Франс“. Со пласманот во финалето, Ливерпул стана првиот англиски клуб што стигнал до финалето на ЛШ, ФА и на Лига-купот во иста сезона и има шанса за освојување дури четири трофеи. – Извонредно е чувството, како прво финале во 20 години. Но направивме да биде доста незгодно за нас. Знаевме и порано дека вакви работи можат да се случат, но во животот секогаш е најбитно како ќе реагирате кога работите не одат како што планирате и како што посакувате. Тие нѐ ставија под голем притисок, играа човек на човек низ целиот терен. Воопшто не игравме фудбал во првото полувреме. Ако Вилјареал играше исто и во вториот дел како во првиот, а ние не сменевме нешто, тие ќе беа во финалето. На паузата знаевме што не е во ред, тоа беше очигледно, а немаше ниту една добра работа за издвојување. Но бевме мирни, успеавме да ги пробиеме нивните линии, наоѓавме празен простор, бевме пофлексибилни и нефиксирани на позициите. Одеднаш се вративме во игра, постигнавме голови, сега сме во финалето и ќе се обидеме да го добиеме – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Клоп, за кого ова ќе биде трето европско финале со Ливерпул, по 2018 и 2019 година, а вкупно четврто, оти беше во финале и со Борусија Дортмунд во 2013-та. Тој им се придружи на Марчело Липи, Карло Анчелоти и на Алекс Фергусон, кои, исто така, имаат по четири финалиња во улога на тренери. Ова е втора сезона во клупската историја, во која Ливерпул го игра секој можен натпревар, по 2000/2001, кога освои три трофеи, во Купот на УЕФА, ФА-купот и во Лига-купот. „Црвените“ сезонава веќе постигнаа 139 гола на 57 меча во сите натпреварувања, најмногу во клупската историја (еден повеќе од сезоната 1985/86), забележувајќи и 43 победи, што, исто така, е рекордна бројка. Садио Мане, стрелецот на третиот гол, стигна до бројката од 15 гола во нокаут-фазата во ЛШ, рекордни за фудбалер од Африка, еден повеќе од Дидие Дрогба, легендата на Челси.
Тиаго Алкантара е блиску до рекордот на Кларенс Сидорф
Со пласманот на англискиот премиерлигаш Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите, Тиаго Алкантара доби шанса да израмни еден индивидуален рекорд во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување. Шпанскиот плејмејкер досега двапати беше европски првак, прво во 2011 година со Барселона (Шпанија), а потоа и со Баерн (Германија) во 2020 година. Само еден фудбалер досега, Кларенс Сидорф, има европски клупски титули со три клуба. Холандскиот фудбалер беше европски првак вкупно четири пати, и тоа прво со Ајакс (Холандија), во 1995 година, потоа со Реал Мадрид (Шпанија), во 1998 година, и уште двапати со Милан (Италија), во 2003 и во 2007 година.
Comments