Лејди Гага во продолжението на „Џокер“
Неодамна дознавме дека ќе се снима вториот дел од филмот „Џокер“ и дека Лејди Гага најверојатно во него ќе ја толкува Харли Квин. Двете вести штотуку се потврдени, а објавени се уште некои детали во врска со продолжението на популарниот филм за главниот непријател на Бетмен. Филмот наречен „Џокер: Лудило за двајца“ ќе излезе на 4 октомври 2024 година, точно пет години по објавувањето на првиот филм. Хоакин Феникс повторно ќе го игра насловниот лик, Тод Филипс повторно ќе биде режисер, а исто така тој повторно ќе соработува со Скот Силвер на сценариото на филмот. Познато е и дека филмот ќе има елементи на мјузикл.
„Џокер“ беше еден од најголемите филмски хитови во 2019 година. Заработи нешто повеќе од милијарда долари од продажбата на билети за кино, а филмот помина одлично и на фестивали и доделувања за награди. Имено, филмот беше награден со „златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција, а Феникс буквално ги освои сите награди за најдобар актер, вклучувајќи ја и најпрестижната, „оскар“. Инспириран од еден од најпопуларните негативци од стрипови, „Џокер“ е филмска приказна за Артур Флек, човек отфрлен од општеството, кој дење работи како кловн, а навечер се обидува да успее како стендап-комичар. Ниту едно од тоа не му функционира, а тоа многу го лути. Покрај тоа, тој се бори со ментална болест, што дополнително го храни неговиот гнев кон системот и луѓето што ги смета за одговорни за лошите услови за живот во Готам Сити. Во еден момент тој едноставно ментално „пука“ и го избира патот на насилството. Покрај Хоакин Феникс, во филмот играа и Зези Битс, Роберт де Ниро, Френсис Конрој и Брет Кален.
Comments