Леникс: Вил Смит треба веднаш да го врати „Оскарот“
Updated: Apr 12, 2022
11.04.2022 April Ponedelnik
Актерот Хари Леникс жестоко реагира на одлуката на Академијата за филмска уметност во врска со оскаровската шлаканца и смета дека изречената дисциплинска мерка е преблага. „Одлуката на Академијата да му забрани на Вил Смит да присуствува на оскаровските церемонии следните 10 години како дисциплинска мерка за шлаканицата што му ја удри на Крис Рок е нешто повеќе од продолжен тајмаут за насилник на игралиште“, пишува актерот Хари Леникс во колумна за „Вараети“. „Тоа е казна без заби, што ја разоткрива плиткоста на холивудскиот морал“. „Во овој момент, единствената личност што може да го откупи интегритетот на ‘Оскарите’ е самиот Смит. Тој треба да се справи со тежината на она што го направи: удирајќи му шлаканица на Рок во живо на сцената на ‘Оскарите’ пред милиони гледачи. Смит треба експресно да го испрати својот златен трофеј назад до Академијата и јавно да каже нешто како: „Од почит кон 94 години почести вложени во оваа награда не се чувствувам со добра совест достоен да бидам нејзин чувар“. „Од многуте вознемирувачки работи кажани по шлаканицата, најмачно ми беше кога го спомна влијанието на некаква си виша сила во својот надреален говор по добивањето ‘Оскар’ за најдобар актер, помалку од еден час по чинот на насилството – и еднакво шокантната одлука на Академијата да не го исфрли од церемонијата“. „Во своето не баш разбирливо обраќање, Смит го спомна Бог во сосема нејасна конотација. Овој обид да ја објасни неговата постапка ја надополни травестијата на оваа етичка катастрофа. Со зборовите дека ја прифаќа волјата божја, тој одрече лична одговорност за она што го направи“. „Бруталноста на Смит ѝ го одзеде престижот на целата свеченост. Ова се докажа кога вџашените присутни во салата му упатија овации на некој кој штотуку извршил напад пред нивните очи“, наведува актерот од „Лига на правдата“ и член на Академијата во колумна за „Вараети“.
Comments