Леклерк победи, Верстапен се откажа
Updated: Apr 12, 2022
11.04.2022 April Ponedelnik
Французинот Шарл Леклерк, возач на Ферари, извојува доминантна победа на Формула 1-трката во Мелбурн, за Големата награда (ГН) на Австралија. Втор беше Мексиканецот Серхио Перез, возач на Ред Бул, а трет Британецот Џорџ Расел од Мерцедес.
По трите трки годинава, Леклерк е на водечката позиција во светскиот шампионат, со 71 поен, втор е Расел, со 37, а трет Карлос Сајнц од Ферари, со 33 поени. Светскиот првак Макс Верстапен, возач на Ред Бул, е шести, со 25 поени, 46 помалку од Леклерк. Кај конструкторите води Ферари, со 104 поени, Мерцедес има 65, Ред Бул 55 поени итн.
– Неверојатно, болидот одлично функционираше, беше фантастичен. Каква трка и какво темпо денеска. Добро го одработив целиот викенд, но ништо не е можно без добар болид. Многу сум среќен. Досега имавме само три трки, така што многу ми е тешко да мислам уште отсега на победа во шампионатот. Најважно е што имаме многу силен и сигурен болид. Одлично е што сме на оваа позиција – изјави Леклерк.
За Леклерк, кој беше на водечката позиција од стартот до крајот, ова беше втора победа на трите трки сезонава, вкупно четврта во кариерата. Неговиот главен ривал, актуелниот светски првак Верстапен, поради технички дефект, мораше предвреме да се откаже. За Верстапен, кој победи на минатата трка за ГН на Саудиска Арабија во Џеда, ова беше второ предвремено завршување на трката. Покрај Верстапен, трката во Мелбурн не ја завршија ниту Карлос Сајнц и ветеранот Себастијан Фетел од Астон Мартин.
До крајот на сезоната останува да се возат уште 20 трки. Наредната, четврта трка, за ГН на Сан Марино во Имола, е на 24 април.
Comentarios