Лекип: Дербито меѓу ПСЖ и Јувентус носи средба на двајцата непријатели
Новата сезона во Лигата на шампионите ќе биде отворена утре со осум натпревари на различни терени во Европа, но дефинитивно, големо внимание ќе привлече дербито во Париз на кое силите ќе ги одмерат ПСЖ и Јувентус. Масимилијано Алегри фаворитската улога ја префрли на спротивната страна уште по викенд мечот кој „старата дама“ го одигра со Фиорентина, но покрај спортскиот аспект со кој се влегува во овој дуел, истиот носи и една позадина која доаѓа од неодамнешно минато. „Лекип“ направи една реконструкција на односот меѓу Насер Ал Келаифи и Андреа Ањели, кои од блиски соработници се претворија во големи непријатели, кои сега не си одговараат ниту на мејловите и повиците. Угледниот француски весник открива дека нивниот однос згаснал откако Ал Келаифи се сврте против клубовите кои ја организираа Суперлигата, а Ањели во газдата на ПСЖ видел „крт“ кој ги издал информациите на првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин. Според „Лекип“, Ањели се сомнева дека Ал Келаифи бил човекот кој ја издал идејата за Суперлигата на водечките луѓе на УЕФА, бидејќи на почетокот бил дел од заедничкиот мејл на сите газди кои го одобриле натпреврувањето, а подоцна излегол од таа конверзација. Ањели и ден денеска го смета Ал Келаифи за информатор на Чеферин, па поради тоа, „Лекип“ очекува да има тензична средба меѓу водечките луѓе во Париз, ако воопшто дојде до неа. Последниот обид за контакт меѓу двајцата бил пред неколку месеци, кога Ањели му испратил мејл на Ал Келаифи, но овој воопшто не вратил на пораката.
Comentarios