Легендарните хитови на „Битлси“ утре ќе воскреснат во оригинална изведба на Националниот џез-оркестар
01.11.2024 Oktomvri Vtornik
Националниот џез-оркестар, (1 октомври), на Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе настапи со концерт со хитови на „Битлси“, а веќе на 8 октомври на сцената на МНТ ќе одржи концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез-академијата од Штип.
Вонвременските хитови на легендарниот бенд „Битлси“ ќе прозвучат на сосема нов начин на концертот на Националниот џез-оркестар, што ќе се одржи утревечер, 1 октомври, на Летната сцена „Славиша Кајевски“ – МНТ, со почеток во 21 часот. Нашите џезери ветуваат оригинална интерпретација и незаборавна вечер со композиции на ливерпулската четворка, која ја смени рокенрол-музичката историја.
Како солисти на концертот ќе ги слушнеме нашите истакнати музичари: Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски, Сашко Николовски и Гордан Спасовски под диригенство на маестро Џијан Емин.
Една недела подоцна, поточно на 8 октомври, Националниот џез-оркестар со задоволство најавува и специјален концерт, со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје, кој ќе ги спои искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез-академијата од Штип.
Концертот ќе понуди динамична програма, исполнета со разнородни џез-композиции и иновативни аранжмани. Ова вечер ќе биде одлична можност јавноста да ужива во креативноста и свежината на новите таленти, како и да ги поддржи во нивниот музички развој.
Инаку, во Македонскиот народен театар изминатата недела беше отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“, која ги сплоти публиката, актерите, режисерите, музичарите и сите уметници на едно убаво место – плато/летната тераса покрај течението на реката Вардар. Доколку временските услови не се пријатни за концерт на отворено, денешниот настап на Националниот џез-оркестар може да се одржи на затворена сцена во МНТ.
Comments