top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Легендарните „Вајтснејк“ во јули следната година во Скопје

И Скопје ќе биде дел од прошталната турнеја на легендарната рок група „Вајтснејк“. Последниот концерт на култниот бенд ќе се случи на 12 јули следната година, на стадионот на АРМ со почеток од 21 часот.

– Концертот на „Вајтснејк“ е нешто што не смеете да го пропуштите во Скопје, бидејќи ќе се случува за последен пат! Иако сите албуми им се врвни, а концертите енергични и спектакуларни, фронтменот на бендот Дејвид Ковердејл одлучи во 2022 година да стави крај на „Вајтснејк“. Впрочем, тоа е одлука само на најголемите, а крај без Скопје и Македонија, едноставно не е возможен. Харизматичниот рокер, кој воедно е еден од најдобрите рокенрол пејачи на светот на сите времиња, заедно со „Вајтснејк“, пред македонската публика ќе ги изведат најголемите хитови со кои израснаа многу генерации: „Here I go again“, „Is this love“, „Fool for your loving“, „Still of the night“, „Love ain’t no stranger“, „Give me all your love“, „Ain’t no love in the heart of the city“ и уште многу други. Убедени сме дека македонската публика ќе ги пее за едно со членовите на бендот, во еден глас – велат од продукцијата „Авалон“, која го организира концертот.

Ковердејл исто така испрати порака до своите обожаватели во нашата земја.

– Возбудени сме и со радост го очекуваме настапот во Скопје каде што на оваа последна турнеја заедно ќе го славиме наследството на „Вајтснејк“, кое речиси 50 години ги освојуваше светските топ листи. Благодарен сум што сѐ уште одиме на турнеи низ светот. Сето ова време го уживав и ги славев сите незаборавни моменти со милиони фанови што беа дел од ова исклучително патување и на кое ме поддржуваа во истото. Навистина го сакам заедничкото искуство со моите неверојатни музичари и едноставно ја сакам мојата работа и секогаш ќе ја сакам… речиси пет декадентни и вкусни децении. Ви благодарам – рече Дејвид Ковердејл по повод прошталната турнеја.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба в среда (24 ноември) во 9 часот преку продажната мрежа на „Авалон низ Македонија“ и онлајн на avalon.mk по следниве цени и категории: партер: 1.500 денари, фан пит: 2.000 денари.



4 views

Comments


bottom of page