Левандовски: Со Барса знаев дека ќе биде поинаку од тоа што се случуваше со Реал
Роберт Левандовски ја искористи својата последна шанса да направи нов голем трансфер во кариерата, откако фудбалски и професионално се засити во Баерн Минхен во изминатите осум години.
Полјакот освои се што можеше да се освои во Минхен, ги урна речиси сите рекорди во Бундеслигата, па на една година пред истекот на договорот, побара дозвола за трансфер, која на крајот ја доби иако баварците првично се противеа.
Баерн на крајот попушти и се согласи за трансфер кој треба да достигне 50 милиони евра, а Левандовски сега открива дека од самиот старт бил голем оптимист, бидејќи верувал во намерите на каталонците, нешто што не беше случај со луѓето од Мадрид во минатото.
Левандовски во повеќе наврати се поврзуваше со Реал Мадрид и се чинеше дека ќе направи трансфер на „Бернабеу“, но Флорентино Перез никогаш не посегна посериозно, па така Полјакот на крајот си го оствари сонот да игра во Ла Лига, но како член на лутиот ривал Барселона.
– Кога видовме дека Барса е таа која тргна по мене, решивме дека сме решени да го исполниме тоа. Знаев дека трансфер во Барселона ќе биде многу пореален од тоа што претходно се поврзував со Реал Мадрид, знаев дека ќе биде поинаку.
– Трансферот во Барселона ми нуди свеж воздух, нема да бидам заморен во годините кои следат. Не бев изморен од Минхен, но тоа можеше да се случи во секој момент, – вели Левандовски за полските медиуми.
Comments