Левандовски има уште еден меч за календарски голгетерски рекорд
ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА
Напаѓачот на Баерн годинава постигна 42 гола, како и Милер во 1972 година, а за самостоен рекорд му треба еден погодок, на дуелот утре со Волфсбург Роберт Левандовски го израмни рекордот на Герд Милер во германската фудбалска Бундес-лига според постигнати голови во една календарска година. Вториот гол на Левандовски за Баерн на мечот против Штутгарт (5-0) му беше 42-от во 2021 година, колку што постигна Милер во 1972 година. Со уште еден гол во последниот натпревар за Баерн годинава, утре дома со Волфсбург, полскиот напаѓач ќе постави нов голгетерски рекорд во Бундес-лигата во една година. Левандовски, кој е водечки стрелец во тековната сезона со 18 гола, постигна барем еден погодок на седум од осумте гостувања на Баерн во Бундес-лигата сезонава и на секој од претходните пет натпревари со Штутгарт, кој нема победа над Баерн на домашен терен од 10 ноември 2007 година (две ремија и 10 порази). Баерн 24-ти пат е неофицијален „есенски шампион“ на Германија (40 бода од 16 меча, пред Борусија Дортмунд со 31 бод од 15 средби) и кога беше на врвот на табелата на половината од сезоната, 21 пат ја освои титулата. Баварците постигнаа барем по еден гол на претходните 63 натпревари во Бундес-лигата, почнувајќи од 9 февруари 2020 година. Рекордот во лигата изнесува 65 меча и е на Баерн, од 32. коло во сезоната 2011/2012 до 28-то во 2013/2014.
Comentarios