top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Лауреатот на „Киненова“ Мето Јовановски: Со македонскиот филм се вградивме во колективната меморија

„Во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можност да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа“, изјави Стефан Арсенијевиќ, режисер на филмот „Бановиќ Страхиња“, со чија проекција завчеравечер беше отворено шестото издание на „Киненова“. Македонскиот актер Мето Јовановски, кому му беше врачена наградата за особен придонес во филмската уметност пак, истакна дека за него “филмот и фестивалите се мост кој духовно не поврзува и се достоен репрезент на бројни драмски творби преточени во креативен филмски живот“

„Во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можност да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа“, изјави Стефан Арсенијевиќ, режисер на филмот „Бановиќ Страхиња“, со чија проекција завчеравечер беше отворено шестото издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“кој ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања.

Директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ, пак, истакна дека е среќен што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите.

“Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди“, рече Јовановиќ.

На отворањето во киното „Милениум“ на Мето Јовановски познат по улогите „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“… му беше доделена наградата за особен придонес во филмската уметност.

Тој им се заблагодари на сите колеги актери, режисери, автори и бројни филмски дејци со кои соработувал во изминатиот период и со кои заедно создадоа филмски дела кои како што истакна “во минатото беа достоен репрезент на македонскиот креативен дух“.

„Заедно успеавме да бидеме дел од големиот филмски мозаик и да се вградиме во тие т.н. подвижни магични слики. Да се вградиме во колективната меморија во Балканскиот и Европскиот духовен простор како траен белег на филмското творештво и придонес во филмското Европско наследство. Затоа за мене филмот и филмската уметност и фестивалите се мост кој духовно нè поврзува и се достоен репрезент на бројни драмски творби преточени во креативен филмски живот“, истакна Јовановски. Тој посочи и дека, за жал, нештата не се секојпат такви какви што ги посакуваме.

„Живееме во време на големи промени и бројни конфронтации проследени со болни девијантни настани. Во едно такво опкружување опстојуваат и создаваат нашите филмски и културни дејци, исправени пред нови предизвици и сведоци на бројни настани и промени, со желба за едно подобро утро во кое централната тема ќе биде човековиот живот и универзалните вредности како патоказ и ориентир за сите нас“, додаде Јовановски.

„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно ѝ ја додели наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев.

„Спомените од тоа што се случуваше изминатава година сè уште ми се свежи, не најдов начин за да го сумирам тоа што го чувствувам. Тоа што ми е останато од мојата мајка Сабина. Голема благодарност за „Киненова“ за оваа награда, голема чест ми е и се надевам дека таму некаде меѓу ѕвездите тоа го знае и мајка ми. Покрај тоа што беше неуморен, посветен филмски, театарски работник, таа беше пред сè мајка и едноставен човек полн со љубов, разбирање и поддршка низ целиот мој живот“, изјави Вардан Тозија.

„Киненова“ постхумно додели награда за особен придонес и на актер, уметник и алтруист Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга.

На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Видеото ќе се отстапи на бендот Суперхикс за користење како нивен официјален спот врз музичка подлога на песната „РамПаРам“.


0 views

Comments


bottom of page