Лара сними филмски спот за песната „Ремек-дело“
Младата и талентирана македонска пејачка Лара, за својата нова песна „Ремек-дело“, која за неа ја напишаа Дарко Димитров и Робин Зимбаков, а и таа има свој удел, деновиве реализира видеоприказна, која може да се мери со актуелните светски музички проекти.
Колку и да звучи невозможно, екипата што стои зад реализацијата на новиот видеоспот на Лара, со сцени како од холивудски филм, потврди дека сѐ уште постои македонска модерна музика.
Фузијата на сексапил и уметност, преку брзата промена на кадри и секогаш присутниот фактор на изненадување, го карактеризира овој видеоспот – дело на Ѓорѓи Вацев, како светски продукт.
И преку овој проект Лара уште еднаш го потврди статусот на една од најдобрите млади поп-ѕвезди, која и овој пат има нов хит. Заедно со училиштето за хип-хоп и модерни танци „Брејк а лег“, со кореографија на Миа Ристевска, Лара ја истакна и нејзината танцова способност во видеоспотот, која е на врвно ниво.
Песната има моќ да ве натера да танцувате и да ѝ се препуштите на убавината на динамичната музика.
Потписот за стилот на младата пејачка и нејзиното друштво е на Викторија Бурсаќ, која креираше модерна летна мешавина од брендови и бои, а за шминката беше задолжен Даниел Николовски.
Comments