Лазов, Николовски и Станојоски на врвот
ШАХ – ПО ПЕТТОТО КОЛО НА ОТВОРЕНОТО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
Интернационалните мајстори (ИМ) Тони Лазов (2.356 рејтинг-поени, рангиран четврти пред почетокот), Никола Николовски (2.340, рангиран втори) и велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски (2.360, рангиран трети) се во водство со по 4,5 поени по петтото коло на Отвореното првенство на Македонија, кое се игра во хотелот „Континентал“ во Скопје. Во конкуренција на 95 шахисти (еден ВМ, три ИМ, шест ФМ), новиот шампион ќе биде познат по деветтото коло. Наградниот фонд изнесува 240.000 денари (10 редовни и пет специјални награди), а победникот ќе биде побогат за 60.000 денари. Темпото на играње е 90 минути плус 30 секунди за секој одигран потег по играч, а просечниот рејтинг на турнирот изнесува 1.534 поени. Минатата година настапија исто така 95 шахисти (три ИМ, пет ФМ), а титулата ја брани Панчевски, кој лани освои осум поени, втор беше Ристески, а трет ФМ Роберт Велески, и двајцата со по седум бода. Во женска конкуренција, пак, настапуваат 10 шахисти (еден ЖФМ), а по петтото коло од предвидените девет, на врвот со по четири поени се ЖФМ Моника Стојковска (2.024, рангирана прва), Леа Ефтовска (1.653, рангирана петта) и Инџи Ајрадиноска (1.482, рангирана седма). Наградниот фонд на турнирот, кој е со просечен рејтинг од 1.547 поени, изнесува 80.000 денари (шест главни и една специјална награда), а победничката ќе добие 26.000 денари. Лани на првенството настапија 12 шахистки (еден ЖИМ, еден ФМ), а титулата ја брани Стојковска, која славеше со шест поени од седум кола, втора беше ЖИМ Габриела Коскоска со пет, а трета Манова со 4,5. Позначајни резултати во петтото коло, мажи: ИМ Лазов – ИМ Николовски реми (26 потег), ФМ Велјаноски – ВМ Станојоски 0-1 (40), ФМ Ристески – Петрески реми (47), АФМ Златков – Михов реми (50), Стошевски – ИМ Панчевски 0-1 (29). Позначајни резултати во петтото коло, жени: Ефтовска – Јакимова реми (55), Велеска – Ајрадиноска 0-1 (71), ЖФМ Стојковска – Лазарова 1-0 (12), Манова – Брнс 1-0 (21), Крстевска – Жежовска реми (24). Г.И.
Comments