Лазаров: Трите новајлии треба да бидат додадена вредност на тимот!
- Aleksandar Santovski
- Aug 6
- 2 min read
06.08.2026 Avgust Cetvrtok
По неколкудневните тренинзи во Скопје кои беа воведни во подготвителниот процес за претстојната сезона, ракометарите на Алкалоид се преселија во Маврово каде што во многу подобри, пред сѐ временски услови ги полнат батериите за активностите што ќе ги очекуваат ракометарите кога на ред ќе дојде натпреварувачкиот дел.
Во комплетен состав, со исклучок на кадетскиот репрезентативен голман Ѓорѓи Николовски кој е на Европското кадетско првенство, ракометарите на Алкалоид работат на подобрување на физичките перформанси. Оваа летна планинска база не е новост за најголемиот дел од играчите и тие добро знаат дека оваа фаза од ќе биде долга и тешка. Но, лекцијата е одамна научена и летниот одмор нема земено данок на опуштање, па тука се дојдени речиси спремни. Другиот дел е задача на тренерскиот тим да го доведе до потребното ниво колективот.
Спремноста на играчите не останува незабележана од тренерот Кирил Лазаров:„Ние работиме повеќе време и веќе воспоставивме ред и дисциплина и како минува времето сите станаа поквалитетни и свесни што е потребно за повисок перформанс и висок стил на игра, односно тоа што го бара Европа и што го бараат најдобрите клубови.Задоволен сум од почетокот на подготовките, имаме добра атмосфера, квалитетни услови и работиме со голем елан и задоволство“, изјави Лазаров.
Клупската стратегија не се менува, а екипата следната сезона добива на искуство.„Алкалоид заедно со Мулти Есенс уште од формирањето на клубот, одат чекор по чекор, стратегиски го развиваат клубот и македонскиот ракомет воопшто. Проектот Алкалоид и Мулти Есенс беше младински и пионерски првак и кадетски вицепрвак минатата сезона. Во моментот како клуб даваме повеќе од 50 репрезентативци во сите категории и продолжуваме да работиме на производство на ракометари и за клубот и за репрезентациите.Со оглед на тоа дека нашите конкуренти се засилуваат и Суперлигата станува посилна, се одлучивме за мали промени за да добиеме дополнителен квалитет и да останеме компетитивни и на домашна и на меѓународна сцена. Тоа што го создаваме и создадовме како квалитет го задржавме и се надополнивме со тројца искусни, квалитетни играчи кои треба да бидат додадена вредност. Имињата не ја даваат целата слика, за да се направи тим треба да се работи, да има дисциплина да се воспостави систем. Од тоа што го гледам комплетно сум задоволен од сите играчи, а кога имате квалитет за работа многу е полесно и тренингот е порелаксиран. Ако треба да сумирам, иако е рано, чувствувам задоволство како прв тренер. Ние сме професионалци, но во моментов професионализмот ни носи и големо задоволство“, вели Лазаров.
Алкалоид оваа сезона е посилен за Словенците Цехте и Сухолежник и Црногорецот Борозан.






Comments