Лазаров: Многу ќe ни значи уште еден настап на големо натпреварување
Updated: Apr 12, 2022
11.04.2022 April Ponedelnik
РАКОМЕТАРИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА ПРЕТСТОЈНИОТ БАРАЖ-ДВОМЕЧ СО ЧЕШКА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023
Македонската машка ракометна репрезентација, предводена oд селекторот и капитен Кирил Лазаров, e на чекор од пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, во Полска и во Шведска. По двата бараж-дуела и елиминацијата на Романија, некогашниот четирикратен светски првак (победата дома со 30-22 и пораз од 22-24 на гости), на патот кон осмото учество на светските првенства остана уште да се мине последното скалило, а тоа е селекцијата на Чешка. Црвено-жолтите од саботата веќе ги почнаа финалните подготовки, кои ќе се одвиваат до заминувањето во вторник попладне за чешкиот град Злин, каде што в среда (19.15 часот) ќе го одиграат првиот бараж-меч, а реваншот е в недела во Скопје (19 часот). Во саботата и вчера македонските репрезентативци тренираа во салата во Автокоманда, а денеска, кога се очекува да бидат комплетни, ќе тренираат во СЦ „Борис Трајковски“. Поради обврски кон своите клубови во Германија и Португалија, Филип Миркуловски (Вецлар), Филип Кузмановски (Хановер) и Никола Митревски (Порто), денеска, последни ќе се приклучат во националниот тим. Познато е дека поради повреда, во селекција ќе ги нема Мартин Велковски, Дејан Манасков и Цветан Кузманоски. – Нема потреба да ја споредам Чешка со Романија, можам да кажам дека за 15-20 отсто е поуиграна. Но нема да нѐ уплаши тоа, напротив, ќе се подготвиме добро, имаме јасна идеја. Се работи за амбициозна селекција, која во последните години имаше добри резултати, но и покрај тоа тие го сменија селекторот. Значи мислат дека можат уште подобро. Можеби ѝ ја препуштаме фаворитската улога, но ние сакаме пласман на СП и подготвени сме да го дадеме нашиот максимум, бидејќи многу ќe ни значи уште еден настап на големо натпреварување. Многу ја анализиравме Чешка, но ние треба да се сконцентрираме на нас самите. Мислам дека сме во нагорна линија и на добар пат да ги искористиме овие подготвителни 3-4 дена – оптимист е селекторот Кирил Лазаров. Ракометарите се свесни што ги очекува, сакаат да го одржат континуитетот и во комбинација со неколку искусни играчи да се направи таа промена на генерации, која наскоро сигурно неминовно ќе следува.
– Очекувам многу неизвесен натпревар на гости во Злин, затоа што се работи за две репрезентации со идентичен квалитет. Според мене, ќе биде пресудна нашата одбрана. Колку повеќе одиграме цврсто и дисциплинирано во одбраната, толку повеќе можеме да се надеваме на позитивен резултат во Чешка. Не би сакал да прогнозирам кој резултат би ни одговарал во Злин пред возвратниот дуел во Скопје, оти секој меч е посебен и различен – вели искусното десно репрезентативно крило Гоце Георгиевски. Вкупно, со Чешка досега Македонија одиграла 15 меча, а билансот е седум победи за Чешка, пет за Македонија, а три дуели завршиле без победник. Претходен пат Македонија и Чешка играа на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, кога црвено-жолтите загубија со 25-27. Македонија играше со Чешка и во квалификациите за ЕП 2018, ЕП 2016, како и бараж за СП 2017, а беа ривали и на завршницата на ЕП во 1998, 2012, 2014, 2018 и во 2020 година. За паметење е триумфот на Македонија во 2016 година, кога во Скопје славеше со 34-27 и со тоа ја надомести претходната негатива од шест гола на гости (22-28), со што и се пласира на СП 2017 година. Чешка досега играше на шест СП (1995, 1997, 2001, 2003, 2007, 2015), најдобриот пласман го оствари на СП во Исланд 1995 година, кога заврши на осмото место, додека најслабо мина на СП 2001 во Франција, кога беше 18-та. Македонија, пак, има седум настапи на ракометните мундијали (1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019, 2021). Најдобар пласман оствари на СП во Катар 2015, кога беше деветта, а најслаб на последното СП во Египет 2021, кога беше 23-та.
Comments