Лазаров: Имаме добар резултат, жалам што не победивме
15.04.2022 April Petok
РАКОМЕТ
Имаме добар, позитивен резултат, но жалам што не победивме, барем со еден разлика, оти заслуживме. На крајот од натпреварот ни со случи голем пад, кој ќе нѐ држи многу будни во Скопје. Ама ако некој ми го понудеше овој резултат пред натпреварот, со две раце ќе го прифатев, затоа што ја респектирам Чешка како селекција, а и Сабате како тренер. Сепак, в недела во реваншот ќе победи колективот. Треба да имаме добра и квалитетна ротација и да ја почитуваме оти само така можеме да направиме добар резултат. Во Скопје публиката да ни биде ветер во грб. Сметам дека ќе одиграме квалитетен, машки ракомет, дека ќе бидеме уште поагилни и поцврсти за да успееме да се пласираме на Светското првенство. Знам дека можеби на некој начин ја изненадивме Чешка, но знам и тоа дека противникот ќе се подготви добро. Им честитам на сите мои ракометари за борбеноста и испочитуваното во првиот натпревар, од кој мора да бидеме задоволни – вели Кирил Лазаров, селекторот и играч на македонската репрезентација по првиот бараж-дуел со Чешка на гостински терен.
Македонската машка ракометна репрезентација беше блиску до победа во чешкиот град Злин, каде што го одигра првиот бараж-меч против соодветната селекцијата на Чешка за пласман на Светското првенство (СП), кое во 2023 година ќе се одржи во Полска и во Шведска и со тоа да биде уште поблиску до своето осмо учество во низа на мундијалите. Црвено-жолтите го добија првото полувреме со 13-10, а во вториот дел до 50-та минута водеа со 22-16. Но во финишот попушти одбраната, зачестија грешките и се дозволи противникот да се извлече од длабоката бездна во која се најде, откако во последните три минути имаше негатива од два гола. Конечниот патник на СП 2023 ќе биде познат по реванш-дуелот, кој в недела ќе е игра во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.). Во редовите на Македонија најефикасен беше левиот бек Филип Талески, со пет гола, додека десниот бек Кирил Лазаров и десното крило Гоце Георгиевски реализираа по четири, а голманот Никола Митревски имаше 11 успешни интервенции. Чесите ги предводеа Јакуб Хртска и Матеј Клима со по пет гола, а на голот извонреден беше Томас Мрква, кој впиша 18 одбрани.
Бараж-двојки, прв меч
Австрија – Исланд 30-34 Финска – Хрватска 21-34 Израел – Унгарија 32-33 Грција – Ц. Гора 25-23 Германија – Ф. Острови 34-26 Словенија – Србија 31-34 Чешка – Македонија 24-24
вчера Португалија – Холандија
Comments