top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Лазаров: Екстремно тешка група, ќе работиме напорно

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ГИ ДОБИ ПРОТИВНИЦИТЕ НА ЕП ВО ГЕРМАНИЈА 2024

Машката ракометната репрезентација на Македонија ќе игра во групата А на Европското првенство (ЕП), кое в година (10-28 јануари) ќе се одржи во Германија, а ривали во групната фаза ќе ѝ бидат домаќинот Германија, актуелниот олимписки првак Франција и Швајцарија. Ова е резултат на ждрепката влечена во арената „Меркур-Шпил“ во германскиот град Диселдорф. Во главната фаза ќе се пласираат првите две селекции од секоја од шесте групи, кои потоа ќе формираат две нови групи од по шест репрезентации. За црвено-жолтите ова ќе биде осми настап на европските првенства, а најдобриот пласман е постигнат на ЕП во Србија 2012 година кога завршија на петтата позиција. Македонија предводени од селекторот Кирил Лазаров, на ЕП 2024 се пласираше како второпласирана во квалификациите во група со Португалија, Турција и Луксембург. – Добивме екстремно тешка група. Ќе работиме напорно да го кренеме нашето ниво дотогаш за да можеме достоинствено да се бориме со светските ракометни велесили. Ќе звучи нескромно да сме оптимисти во ваква група, но надежта никогаш не треба да ја губиме. Ќе бидат потребни жртвување и посветеност за да се направи конкурентна нова репрезентација со смена на генерациите. Верувам во момците и во нашата работа – вели селекторот Лазаров. На досегашните ЕП, Македонија еднаш успеала да одигра нерешено против Германија (25-25) во 2018 година, а еднаш загубила (23-24) во 2012 година, додека од Франција доживеала еден пораз (23-30) во 2016 година. Против Швајцарија не играла на ЕП. Франција досега настапила на 15 ЕП (три злата и две бронзи), Германија на 14 (две злата, едно сребро и една бронза), додека Швајцарија на четири ЕП, а најдобар пласман ѝ е 12-то место во Словенија 2004 година. Според официјалната веб-страница на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Македонија ќе го игра првиот меч во арената „Меркур Шпил“ во Диселдорф, што, всушност, претставува стадион и е со капацитет од 54.600 гледачи, а другите два во Берлин. Полуфиналните натпревари, дуелите за петтото, третото место и финалниот меч ќе се играат во Келн. Титулата ќе ја брани репрезентацијата на Шведска, која е и најтрофејна со пет злата и едно сребро. Г.И.

Распоред на групи

А (Диселдорф/Берлин): Франција, Германија, Македонија, Швајцарија Б (Манхајм): Хрватска, Шпанија, Австрија, Романија Ц (Минхен): Исланд, Унгарија, Србија, Црна Гора Д (Берлин): Норвешка, Словенија, Полска, Фарски Острови Е (Манхајм): Шведска, Холандија, БиХ, Грузија Ф (Минхен): Данска, Португалија, Чешка, Грција

Распоред на натпревари Македонија – Франција 10 јануари Македонија – Германија 14 јануари Македонија – Швајцарија 16 јануари


0 views

Yorumlar


bottom of page