„Лагата“ – претстава на Јордан Симонов
Рецензија
„Лагата“ е најновата претстава на репертоарот на Македонскиот народен театар – Скопје. Работена е по текстот на современиот француски писател, драмски автор, театарски и филмски режисер Флоријан Зелер. Режисер е Бесфорт Идризи, сценографијата е на Крсте С. Џидров, костимите се на Розе Трајческа-Ристовска, автор на музиката е Игор Василев-Новоградска, а преводот на текстот е на Офелија Ковилоска. Извршен продуцент е Виктор Рубен, уредници на програмскиот каталог се Мила Анѓелковиќ и Ивана Јарчевска, дизајнер на плакатот е Оливер Митковски, фотограф е Кире Галевски, дизајнер на програмскиот каталог е Димитар Димитров. Драмата се игра околу четири лика. Четирите лика ги играат: Јордан Симонов (Павле), Габриела Петрушевска (Родна), Оливер Митковски (Михаил) и Драгана Левенска (Јована). Не е јасно зошто имињата на ликовите се помакедончени и што се добило од тоа! Блискост или препознавање! Сето тоа го има во изведба/претставата. „Лагата“ е репертоарска претстава и е наменета за разновидна публика. Ги третира односите помеѓу сопругата и сопругот – брачните партнери. Во целина ги отсликува полукомичните ситуации. Покажува/докажува дека сѐ е можно во тие односи. Претставата е и приказ на стварноста и нѐ соочува со вистината дека лажењето има „куси нозе“, но и дека е погрешен начин на комуникација. И сосема е јасно дека некои нешта/вистини мора (треба) да се кажат за да можат и да се решат. Тие ситуации/состојби ја формираат сценската приказна во слика на брачни заедници и секојдневни или помалку секојдневни ситуации. И како во нив и со нив тие се справуваат. И како од нив излегуваат повеќе или помалку задоволни, среќни, повредени, раздвоени или одново споени.
Во целина, „Лагата“ е резултат на играта најмногу на Јордан Симонов, а потоа и на Оливер Митковски. Низ симболиките на сцената, кои се решение на Крсте С. Џидров, се преплетуваат ситуациите во кои сешто е можно – лаги, измами, верба, недоверба… Или сите нешта што се случуваат или се дел од брачната заедница. Во таквата рамка односите се под лупа на верноста, неверноста, вербата и недовербата. Доминантноста во речиси сите тие ситуации е во зрелата, обмислена игра на Јордан Симонов како Павле. Во секоја ситуација тој доминира со состојбите во кои е неговиот Павле. Се разбира и во однос на другите три лика од дејствието на „Лагата“. Притоа Јордан Симонов како Павле е разигран, духовит и сигурен во секоја состојба. Тој им дава енергија/поттик и на другите во изведбата/играта во „Лагата“. Повеќемина не умеат да ја прифатат таквата сигурна и духовита игра на Симонов. Во секој случај, отидете во МНТ за да се соочите (да ја видите) со играта/енергијата на Јордан Симонов и неговиот доминантен Павле во оваа најнова претстава на Македонскиот народен театар – „Лагата“. Со „Лагата“, Јордан Симонов ја одбележа својата 25-годишна работа во Македонскиот народен театар. По овој повод, по претставата, Симона Угриновска, директорката на театарот, му подари на Симонов пригоден подарок.
Коментари