Лазаров: Играчите покажаа карактер
Со втората тест-средба и победа со 22-21 (11-12) против Кувајт, македонската машка ракометна репрезентација го завршува првиот дел од подготовките, кои се одржаа во Маврово. Пред настапот на Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка (13-30 јануари), подготовките ќе продолжат во Скопје, каде што се закажани и два нови пријателски меча, со Израел, на 3 и 4 јануари во СЦ „Борис Трајковски“. Во првиот натпревар со Кувајт, Македонија славеше со 31-21.
– Мислам дека резултатот од првиот натпревар не беше реален. Кувајт е добро истренирана репрезентација, предводена од стратег како што е Борис Дениќ, кој подолг период веќе работи таму. Ние трениравме максимално напорно и пред и на денот на вториот натпревар. За нашите млади играчи овој дуел беше едно големо искуство. Се соочуваме со проблеми, со повредени играчи и се надевам дека ќе закрепнат што побрзо. Задоволен сум од втората победа, но и да беше поинаку немаше да очајуваме. Имам јасна вкупна слика. Важно е играчите да бидат фокусирани до самиот крај, а позитивна работа е што покажаа карактер. Победникот не се знаеше до последната секунда. Видовме како реагираат некои играчи во неизвесни завршници. Имаме време да коригираме многу работи по новогодишните празници – вели селекторот и капитен Кирил Лазаров.
Лазаров не го криеше задоволството од подготовките во Маврово и што од недела репрезентацијата ќе биде комплетна.
– Задоволен сум од тоа како момците ги одработија подготовките во Маврово. Голема благодарност до Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и до Филип Кузмановски, кои ни се приклучија веднаш по завршувањето на нивните клупски обврски. По некое непишано правило заслужуваат одмор барем до 2 јануари и тоа само покажува колку се подготвени да се жртвуваат за македонскиот дрес – рече Лазаров.
И во вториот меч со Кувајт настапија истите македонски ракометари како и во првиот, плус голманот Никола Митревски, кој имаше шест одбрани. Најефикасни во македонските редови беа Игор Ѓорѓиев со шест гола и Ненад Костески и Бојан Маџовски, кои реализираа по четири погодоци. Мартин Томовски имаше осум голмански интервенции.
На ЕП 2022, Македонија е во групата А. Црвено-жолтите прво ќе играат со Словенија на 13 јануари, два дена подоцна со Црна Гора, а на 17 јануари со светскиот првак Данска. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.
Comments