„Куферот на Хана“ од Карен Левин – книга која ги едуцира децата за холокаустот
Updated: Nov 12, 2021
11.11.2021 Noemvri Cetvrtok
„Куферот на Хана“ од канадската писателка Карен Левин- книга која ги едуцира децата за холокаустот, е промовирана во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во спомен на жртвите на холокаустот на кобната Кристална ноќ, која се смета за почеток на погромот и злосторството врз Евреите низ Европа.
Оваа наградувана книга за деца на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Изданието е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за деца над 10-годишна возраст, преку кое, на суптилен образовен начин, ќе се едуцираат за тешката судбина на Евреите и за холокаустот. На промоцијата на книгата се обратија Горан Садикаријо – извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, м-р Жаклина Мучева – од Фондот и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.
Извадок од книгата читаше Теодора Велковска, ученичка во ОУ „Војдан Чернодрински“ од Скопје. Горан Садикаријо во својот говор потсети на случувањата од 9 и 10 ноември 1938 година, кога во цела Германија и во делови од Австрија се случи Кристалната ноќ (или Ноќ на скршено стакло), чин на масовно прогонство на Евреите од нивните домови.
“Денес се навршуваат 83 години од Кристалната ноќ или Ноќта на скршеното стакло. Ноќ во која во нацистичка Германија, анектираната Австрија и окупираните делови на Чехословачка биле запалени над 1000 синагоги, уништени над 7500 еврејски дуќани, уапсени и депортирани над 30.000 луѓе во концентарционите логори Дахау, Заксенхаузен, Бухенвалд, а убиени над 100 Евреи. Преку едукацијата треба да ја пренесеме колективната меморија од генерација на генерација за концептот „холокауст – никогаш веќе“, да биде начин за надминување на омразата, десничарскиот и левичарскиот екстремизам и тоталитарната идеологија. Кога велиме „Никогаш веќе“, тоа значи дека ние се обврзуваме да сториме сè што е во наша моќ за да се спречи дискриминацијата од секаков вид, ксенофобијата, шовинизмот и говорот на омраза – истакна Садикаријо.
„Куферот на Хана“ е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образува младите читатели за овој мрачен период кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ. М-р Жаклина Мучева, правејќи паралела со приказната од книгата, во своето излагање потсети на страшната судбина на децата во холокаустот. Зборуваше за гетото Терезин, што се наоѓало близу Прага и каде што престојувала Хана Бради, девојчето од романот, пред да биде депортирана во Аушвиц.
Бисера Бендевска, уредничка на книгата додаде дека „Куферот на Хана“ е интернационален феномен. Правата за оваа книга се продадени во 40 земји низ светот. Книгата доживува драмска адаптација, а и адаптација во документарен филм, чијашто премиера била во 2009 година.
Comments