КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКАПолуфинале меѓу најтрофејните, Камерун – Египет
Updated: Feb 2, 2022
01.02.2022 Januari Vtornik
КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКА
Полуфинале меѓу најтрофејните, Камерун – Египет
Египет и Сенегал им се придружија на Камерун и на Буркина Фасо во полуфиналето на фудбалскиот Куп на нациите на Африка во Камерун. Египет го совлада Мароко со 2-1 (по продолженијата), а Сенегал беше подобар од Екваторијална Гвинеја, со 3-1, во последните два четвртфинални меча. Мохамед Салах постигна еден и асистираше при постигнувањето на вториот гол за Египет. Салах, напаѓачот на Ливерпул, има удел во 64 отсто од постигнатите голови (девет од 14) на Египет во Купот на нациите на Африка, од дебито во ова натпреварување во 2017 година. Сенегал, кој досега не бил шампион на Африка, во првото полуфинале утре ќе игра со Буркина Фасо, за второ финале во низа. В четврток се среќаваат двете најтрофејни репрезентации, Камерун, кој е петкратен првак, и Египет, кој има седум титули првак на Африка, во реприза на финалето од 2017 година што го доби Камерун. Л.Д.
ФУДБАЛ
Ериксен ќе игра за Брентфорд
Англискиот премиерлигаш Брентфорд потпиша шестмесечен договор со Кристијан Ериксен, данскиот репрезентативец и поранешен фудбалер од средниот ред на Интер и на Тотенхем. Ериксен, кој пред седум месеци преживеа срцев удар на Европското првенство, на мечот Данска – Финска, минатиот месец замина од Интер затоа што италијанските правила не дозволуваат некој да игра со имплантиран кардиовертер-дефибрилатор (ИЦД). Тој ги заврши сите неопходни медицински прегледи и е подготвен да му се врати на фудбалот. Пред да потпише за Брентфорд, Ериксен тренираше во Швајцарија, потоа и во поранешниот клуб Ајакс. Ериксен доаѓа во Брентфорд каде што менаџер е неговиот сонародник, Томас Франк, кој го тренираше во младата селекција на Данска, до 17 години, пред 13 години. Таму се и неговите соиграчи од репрезентацијата, Кристијан Норгард и Матијас Јенсен. Л.Д.
НФЛ
За титулата ќе играат ЛА рамс и Синсинати
Тимовите на Лос Анџелес рамс и на Синсинати ќе играат во 56-от Супербоул, на стадионот на Лос Анџелес, на 13 февруари, за титулата во НФЛ-лигата, во американски фудбал. Лос Анџелес го победи Сан Франциско со 20-17, иако беше во негатива од 7-17, а Синсинати беше подобар од фаворитот и финалист во минатите две години, Канзас сити, 27-24, надоместувајќи ја негатива од 3-21 во втората четвртина. Лос Анџелес испиша историја со тоа што стана првиот тим што го надоместил двоцифрениот дефицит во последната четвртина. Синсинати, најслабиот тим во НФЛ пред две години, со резултат 2-14, пред сезонава немаше победа во плејоф-натпревар 31 година, но сега забележа три победи во низа. Л.Д.
Comments