Културно-информативниот центар во Тирана ставен во функција
Амбасадата на С. Македонија во Тирана, преку објава на Фејсбук, информираше дека веќе е ставен во функција Културно-информативниот центар, постирајќи притоа повеќе фотографии.
Од Амбасадата оценуваат дека со отворањето на Културно-информативниот центар се заокружува значаен сегмент во позиционирањето на нашата држава во делот на билатералната културна соработка со Албанија.
„Центарот во соработка со Амбасадата се очекува да прерасне во бастион на македонската култура кој со своите програмски активности ќе го артикулира новиот имиџ на Северна Македонија пред албанската јавност“, стои во објавата на Амбасадата.
Претходно директорот на Центарот, Златко Ориѓански на својот Фејсбук профил, исто така, објави дека центарот е ставен во функција. Ставањето во функција на центарот го поздрави Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“.
„Културно-информативните центри, во Скопје и во Тирана ќе ја шират и презентираат македонската култура во Албанија и албанската култура во Македонија, преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете страни“, изјави Ѓурѓај.
Спогодбата за отворање центри во Скопје и Тирана, беше потпишана во мај 2019 година. Парламентот во Скопје брзо по потпишувањето ја ратификува спогодбата, додека Парламентот во Тирана на почетокот на февруари 2020 година.
Comments