top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

КУЛТУРА(Интервју) Лиза Макинерни, ирска романсиерка: За мене, секогаш сè започнува со луѓето

„Начинот на кој комуницираат луѓето меѓу себе ме води до тоа да ‘откријам’ или да создадам лик: дел од разговорот или начинот кој може да покаже дека една личност е лута или уплашена. Еден од ликовите во мојата книга „Свети ереси“, Морин (убиецот! Не грижете се, со ова не ви откривам ништо), ми се појави како слика: жена во доцни средовечни години на улица во Корк Сити во Ирска, на која ѝ беше забавен фактот што случајните минувачи ја сметаа за незабележителна, а таа тајно, само убила некого“, открива реномираната ирска писателка Лиза Макинерни. На Саемот на книгата во Скопје, на 8 мај, таа ќе присуствува на промоцијата на својот роман во кој ликовите се луѓе што живеат на периферијата на ирското општество

Авторката Лиза Макинерни (1981, Галвеј) студирала англиски јазик и географија на Универзитетскиот колеџ „Корк“. Пишува романи, кратки раскази, есеи, статии… Како блогер, активна е на социјалните мрежи. Ги објавила романите: „Свети ереси“ (2015) во издание на „Бата прес“; „Чуда од крв“ (2017), „Правилата на Откровението“ (2021). Има добиено повеќе награди во Франција, Италија, Шпанија, а нејзините дела се преведени на повеќе јазици.

Вие сте активна блогерка и постојано пишувате романи. Што Ве исполнува повеќе?

Ох, да се биде романсиерка е бескрајно поисполнувачки од тоа да се биде блогерка. Почнав да пишувам блогови чисто само како начин да развијам профил во литературниот свет, кој се чинеше затворен за луѓето како мене. Потекнувам од работничко семејство, немам универзитетска диплома и моето семејство никогаш не беше многу заинтересирано за литературата. Искрено, се плашев дека никогаш нема да ми објават книга. Мојата амбиција отсекогаш беше да пишувам романи. Пишувањето фикција ми дозволува да размислувам за мојот свет на уметнички и предизвикувачки начин. Додека не сум лик во делото (а бев кога пишував блогови!), можам да се поврзам со луѓето на начин што се чувствува поблагороден и помалку егоистичен.

Во книгата се појавуваат многу интересни ликови. Секој лик има своја животна сторија, но тука има и едно убиство што ќе предизвика серија настани и ќе ги спои сите ликови. Станува збор за психолошки роман. Како ги создавате овие приказни?

За мене, секогаш сè започнува со луѓето. Ликовите се во центарот на вниманието на сите мои книги. Често, начинот на кој комуницираат луѓето меѓу себе ме води до тоа да „откријам“ или да создадам лик: дел од разговорот или начинот кој може да покаже дека една личност е лута или уплашена. Еден од ликовите, Морин (убиецот! Не грижете се, со ова не ви откривам ништо) ми се појави како слика: жена во доцни средовечни години на улица во Корк Сити во Ирска, на која ѝ беше забавен фактот што случајните минувачи ја сметаа за незабележителна, а таа тајно, само убила некого. Така почнав, од таа слика, се обидов да ги разберам нејзините мотиви и што би можело да се случи за да ја доведе до тој момент и размислував за тоа како би биле погодени другите луѓе од нејзините постапки. Некои од ликовите беа во мојата глава со години; прашање беше само да сфатам дали ќе се вклопат тие во приказната на Морин.

Дејствата се одвиваат во Ирска и во Лондон. Има многу девијантни појави, убиства, секс, дрога, банди, алкохол. Колку вистински настани има и дали се поврзани некако со ирското општество?

Ликовите во книгата се луѓе што живеат на периферијата на ирското општество. Така, неволјите во кои запаѓаат и нередот што го прават не се типични за ирскиот начин на живот, но се случуваат и тие се, во таа смисла, всушност многу вистински. Сепак, мотивите што ги има секој лик и општественото потекло од каде што доаѓаат, се, секако, типични во Ирска. Рајан доаѓа од обесправено општествено милје – неговото семејство е сиромашно и неговиот татко е алкохоличар. Така што кога почнува да работи како дилер на дрога, е во таа смисла. Не е оправдување, туку објаснување. Кога доаѓате од таков свет и ако направите грешки, немате многу можности на располагање за да ги поправите тие грешки. Колку што ќе има луѓе што сакаат да купат дрога толку ќе има и момци како Рајан што сакаат да го преземат ризикот да им продаваат. Морин е многу водена од својата лутина кон ирското општество. Работите се поинакви сега, но кога растела таа, Ирска можела да биде многу сурово место. Дали сте слушнале за пералниците на Магдалена? Во поголемиот дел од XX век, немажените мајки можеле да бидат затворени во религиски институции во Ирска и да ги натераат да работат без надоместок додека не се „искупат“ за своите гревови. Тие биле ужасно третирани, премногу страдале. Така што ова е општествената суштина за гневот на Морин; таа сака луѓето да се сеќаваат какви биле нештата претходно. Се разбира, нештата не се сменети целосно – Џорџи, која е проститутка, сè уште смета дека е отфрлена од општеството без вистински пристап до „правичниот“ ирски живот.

Имате добиено бројни престижни награди, како на пример наградата „Бејлис“ за женска фикција. Колку ви значат ваквите признанија?

Многу ми значат. Со оглед на потеклото, никогаш не бев сигурна дека пишувањето е правилниот пат за мене. Така што кога ги добив овие награди, беше потврда за тоа дека го правам правилното нешто и дека приказните што ги раскажувам се вредни и важни. И се разбира, во пракса, тие ги претставуваат книгите до нови читатели на нови јазици и во нови држави. Така што тоа е огромна привилегија.

За книгата, Сара Џесика Паркер имаше многу пофални зборови. Бидејќи и самата книга има драматични сцени и има голем потенцијал за филм, дали можеме да очекуваме филмска адаптација?

Всушност, продукциска компанија со седиште во Обединетото Кралство развива филм за телевизија. Но, за жал, е во многу рана фаза, така што не можам да дадам возбудливи детали. Сепак, би било убаво!

Дали досега сте биле во Македонија и дали Ви е познат некој писател, пејач, спортист од оваа земја?

Никогаш претходно не сум била во Македонија и едвај чекам да го видам Скопје. Секогаш е големо задоволството да се посети ново место. Во однос на познати луѓе од Македонија, мојата баба секогаш би рекла Мајка Тереза; многу Ирци на постара возраст би почувствувале некаква поврзаност со неа, бидејќи таа живееше во Ирска пред да оди во Калкута. Бидејќи сега ја посетувам земјата, ќе си дадам задача да ја прочитам Лидија Димковска, бидејќи сум лута на себе што досега не сум читала ништо од неа. (К.Р.)




2 views

Comments


bottom of page