Култната „Мала станица“ конечно со реконструкција до нови содржини
„Согласно со проектната програма, во која се дефинирани потребите на корисникот е предвидено обезбедување на соодветен изложбен, простор согласно со потребите, простор за депо, конзерваторска лабораторија, канцелариски простор за вработените, кафетерија, мала библиотека за потребите на институцијата и др. Проектот предвидува и ентериерно уредување на целиот простор, а ќе бидат изработени и посебни проекти за останатите фази (електрика, машинство и слично)“, велат од Министерството за култура
Мултимедијалниот центар „Мала станица“, еден од трите објекти под капата на Националната галерија, кој за скопјани, поточно уметничкиот свет во градот, е култно место на кое се одржуваат бројни културни настани и изложби, конечно ќе се реконструира. Овој објект изграден 1924 година, а адаптиран во 2005 во галерија, ќе добие депо и конзерваторска лабораторија за делата со кои располага, но и со други содржини.
„Во тек е изработка на проектната документација за реконструкција на постоечкиот објект Мала станица, која согласно со Договорот треба да биде изработена до крајот на јуни годинава. Инаку, во рамки на Договорот предвидена е изработка на проектна документација за три објекти и тоа: за објектот на НГМ „Мала станица“, за Музејот на Северна Македонија и за Центарот за култура „Антон Панов“- Струмица, за што вкупно обезбедени се 17 милиони денари“, велат од Министерството за култура.
Оттаму додаваат дека согласно проектната програма, во која се дефинирани потребите на корисникот, за Мала станица, е предвидено обезбедување на соодветен изложбен простор согласно со потребите, простор за депо, конзерваторска лабораторија, канцелариски простор за вработените, кафетерија, мала библиотека за потребите на институцијата и др. Проектот предвидува и ентериерно уредување на целиот простор, а ќе бидат изработени и посебни проекти за останатите фази (електрика, машинство и слично).
Директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, пак, во една од претходните изјави за весникот ВЕЧЕР, напомена дека „станува збор за одличен објект, кој е адаптиран во уметничка галерија, во индустриски стил и дека големи промени во однос на визуелната целина на планот не треба да се случат. Едноставно, предностите на просторот треба да се искористат и да се стават во функција на објектот. Она што суштински треба да се измени е подот, да се добијат пофункционални ѕидови, да се стави лифт (за достапност на објектот и за лицата со посебни потреби, но и за потребите на галериската дејност), да се направат соодветни канцеларии што ќе одговараат на потребите на вработените. Сепак, акцентот го ставаме на адаптирањето на дел од „Мала станица“ во соодветно депо, кое ќе го реши едниот од најгорливите проблеми на нашата институција, во кој би имало соодветни музејски услови според сите светски стандарди за чување дела. Исто така, во просториите на ‘Мала станица’, сакаме да адаптираме и соодветна конзерваторска лабораторија, во која би се одвивале постапки за заштита и превенција на делата од нашата колекција“.
Инаку, мултимедијалниот центар „Мала станица“ како културно место во состав на Националната галерија на Македонија, во структурата на современо Скопје има специфична историска позадина која поврзува различни времиња. Потекнува од периодот меѓу двете светски војни, како дел од акцијата за изградба, санација и обнова на одредени железнички станици и други објекти за потребите на железницата. Еден од нив е и објектот „Мала станица“ од 1924. Во периодот по 1945, во овој објект биле сместени воени содржини на тогашната ЈНА. По распадот на СФРЈ и повлекувањето на ЈНА, објектот беше отстапен и наменет за реализација на културни содржини, но дури во 2003 година Министерството за култура ја презема обврската да го заврши објектот како мултимедијален центар при НГМ. Од тој момент, до неговото свечено отворање на 3 ноември 2005 година, беа направени и реализирани нови проекти и зафати за адаптација и пренамена на просторот. Иако релативно ненаметлив според својата архитектонска концепција, која што е произлезена од неговата првична утилитарна функција, објектот „Мала станица”, од денешна перспектива претставува дел од едно специфично наследство кое не само кај нас туку посебно во светот предизвикува на многу актуелно и ангажирано промислување за продолжување на неговата функција и живот. Всушност, се работи за анимирање и ставање во функција на т.н. „индустриско наследство”. (Д.Т.)
Патувачка изложба за маските од теснецот Торес
Во „Мала станица“ на 8 јуни, в среда, во 18 часот, ќе се отвори меѓународната патувачка изложба насловена „Еволуција: маските од теснецот Торес“. Станува збор за документаристичка изложба на фотографии и описи. Изложбата е создадена од страна на Културниот центар Габ Титуи од Австралија, во соработка со Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, Националниот музеј на Австралија и Амбасадата на Австралија во Белград. Теснецот Торес (Zenadh Kes) е група острови кои се лоцирани помеѓу северна Австралија и Папуа Нова Гвинеја. Жителите на таа област одржуваат жива, уметничка, духовна и културна традиција. Една од спецификите на традицијата на околината е носење убави украсни маски. Иако доаѓаат од старите традиции и духовности, правењето маски денес претставува начин на заживување на таа уметност и култура. Маските од теснецот Торес се исклучителни предмети од ритуално и историско значење. Носењето маска и ритуалите поврзани со неа го менуваат идентитетот на личноста што ја носи маската и отвораат канали за комуникација со нивните предци. Во 19 век, европските мисионери и истражувачи собирале маски од овие области. Денес тие се дел од историски збирки. Оваа изложба, што ќе може да се види до 22 јуни, ја истражува богатата и непречена практика на правење маски.
Comments