Крос ироничен: За малку ќе му поверував на претседателот на Баерн….
Тони Крос беше дел од баварскиот великан Баерн Минхен и проживеа многу убави моменти на „Алијанц арена“, но подоцна се покажа како цврст приврзаник на Реал Мадрид и откако направи трансфер во шпанската престолнина, постојано го става „кралскиот клуб“ на прво место.
Времето минато во Минхен беше многу важно за развојот на Крос во врвен играч за врска, но сега како поранешен фудбалер на баварскиот великан, реши да се потсмева со последната одлука која ја донесоа водечките луѓе на клубот.
Тони смета дека посебно контрадикторен бил првиот човек на Баерн, Херберт Хајнер, кој само една седмица пред да му се врачи отказ на Јулијан Нагелсман, излезе со јасна порака дека клубот верува во младиот стручњак и дека тој е проект на долг рок.
Десетина дена подоцна, сите знаеме дека Баерн раздели со Нагелсман и го назначи Тухел за негов наследник, па тоа предизвика да видиме ироничен коментар од страна на Крос.
– Ако Баерн смета дека промената е најдобра за спортскиот проект, тогаш нека биде така. Но, имаше еден момент кога за малку ќе им поверував во тоа што го прават со Нагелсман. Велеа дека многу го поддржуваат и му веруваат, само една седмица претходно Хајнер излезе со цврста изјава.
– Тоа што се случи не беше нормално, имаше повеќе критики за Јулијан во минатото и сега изгледаше како сите да се зад него. Претседателот говореше за Нагелсман како никогаш претходно, за малку ќе му поверував…., – иронично вели Крос.
Comments