Крис Рок би можел да биде домаќин на „оскарите“ и идната година
Крис Рок би можел да биде домаќин на доделувањето на „оскарите“ во 2023 година, откако доби шлаканица од Вил Смит на церемонијата оваа година, објави Еј-би-си. Годинешната церемонија на доделување на наградите беше обележена со инцидент кога Смит скокна на сцената и му удри шлаканица на комичарот откако се пошегува на сметка на неговата сопруга Џејда Пинкет Смит. Неколку минути подоцна, Смит ја доби наградата за најдобар актер.
Церемонијата идната година ќе се емитува на Еј-би-си, а Смит нема да биде присутен, откако му беше забрането да присуствува на настаните на Академијата во следните десет години.
Во интервју за „Дедлајн“, претседателот на Еј-би-си, Крег Ервич, рече дека доделувањето на наградите за 2022 година беше „навистина успешно“ и покрај шлаканицата.
Очигледно имаше многу контроверзии, кои засенија многу позитивни работи за „оскарите“, но јас бев навистина задоволен од програмата. Тоа беше најголемото враќање на која било церемонија на доделување оваа сезона – рече тој. Ервич, исто така, изјави дека е отворен за идејата Рок да биде домаќин на „оскарите“ следната година, бидејќи тоа би можело да ја зголеми гледаноста.
Годинешната церемонија ја водеа Ванда Сајкс, Реџина Хол и Ејми Шумер. Рок накратко се пошегува за кавгата со Смит за време на еден негов комичен настап, но нагласи дека тоа ќе го истражи подетално во идниот специјал на „Нетфликс“. Неодамна, тој уште еднаш се пошегува дека секој што вели дека зборовите болат, никогаш не бил удрен во лице.
Yorumlar