top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Кризен тим за неочекувани настани на „оскарите“

Академијата за филмски уметности и науки претстави кризен тим во пресрет на оскаровската церемонија, а сето тоа поради минатогодишниот инцидент со Вил Смит и Крис Рок. Извршниот директор на Академијата, Бил Крамер, соопшти дека на годинешното доделување првпат ќе биде претставен кризен тим за какви било неочекувани настани. Овој тим ќе биде задолжен само за вонредни ситуации, како што беше шлаканицата на Вил Смит, а вакво тело досега немало на ниедна оскаровска церемонија.

– Поради минатогодишниот инцидент, моравме да земеме предвид дека може да се случат многу непредвидливи работи. Имаме цел кризен тим, нешто што никогаш претходно не сме го имале, и многу планови подготвени за разни можни сценарија. Се надеваме дека тимот ќе биде подготвен на сè во случај нешто да се случи – изјави за „Тајм“ Бил Крамер, извршен директор на Академијата.

Тој исто така нагласи дека оваа година водител на наградната церемонија ќе биде ветеранот Џими Кимел, кој би требало да гарантира дека сè ќе биде во ред.

– Кимел е некој што е навикнат на сè што носи телевизијата во живо и е свесен дека работите не одат секогаш според планот. Кимел е водител што знае како да се справи со такви ситуации – појасни Крамер и нагласи дека минатата година за време на инцидентот со Смит и Рок требало да се реагира многу подобро.


1 view

コメント


bottom of page