Креациите на Данијела Савиќ од Европски универзитет на модниот настан EXPO.30
16.09.2021 Septemvri Cetvrtok
За концептот на својата мини колекција, која ќе биде претставена пред јавноста на 17 септември (17:30 часот) во Музејот на современа уметност во Скопје, Данијела Савиќ вели: „Појдовна точка на ова модно патешествие низ македонската култура и традиција е прототипот изработен за изложбата ‘Свадбени приказни’ која беше реализирана како дел од проектот ‘Модата и културното наследство’ (2015). Овој прототип сместен во инсталација од конци и придружен со видеопроекција ја отсликуваше слоевитоста и тежината на македонската традиционална женска носија од Порече. Она што е позајмено од македонските шари е доминантната и сеприсутна форма на баклава и триаголници, притоа создавајќи една современа интерпретација со апстрактен третман“
Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет со креациите на студенткатa од вториот циклус Данијела Савиќ, ќе се претстави на групната модна ревија што во рамки на модниот настан “EXPO.30“ ќе се одржи на 17 септември (17:30 часот) во Музејот на современа уметност во Скопје. Настанот, кој е во организација на Боттега Евенти, е поддржан од страна на Владата на РС Македонија по повод 30 години независност.
За концептот на својата мини – колекција која ќе биде претставена пред јавноста Данијела Савиќ вели: „Во колекцијата се претставени пет модели од кои два се ретроспективни, а три се надоврзуваат и понатаму ја доистражуваат истата тематика. Појдовна точка на ова модно патешествие низ македонската култура и традиција е прототипот изработен за изложбата ‘Свадбени приказни’ која беше реализирана како дел од проектот ‘Модата и културното наследство’ (2015) поддржан од Британскиот совет во соработка со Европски универзитет и НУ Музеј на Македонија. Овој прототип сместен во инсталација од конци и придружен со видео проекција ја отсликуваше слоевитоста и тежината на македонската традиционална женска носија од Порече. При осмислувањето на концептот, традиционалните шари и орнаменти се оставени во нивната автентична форма без да се прави било каков обид за редизајн на везот.
Она што е позајмено од македонските шари е доминантната и сеприсутна форма на баклава и триаголници, притоа создавајќи една современа интерпретација со апстрактен третман“. Таа исто така посочува дека фокусот на дизајнот е во конструкцијата и овој прототип е изработен од триаголници во различни димензии наредени во слоеви.
„Истата конструкција потоа е искористена и за другите дизајни креирајќи комплетно различни силуети. Всушност, оваа конструкција од правоаголни триаголници овозможува целосно искористување на материјалот и елиминирање на текстилниот отпад. Така што, принципот на zero waste и еколошкиот аспект на дизајнот се значајни елементи во колекцијата. Како заокружување на концептот и идеја што се провлекува низ колекцијата е и прашањето за тоа каде ја повлекуваме линијата помеѓу инспирација и имитација во дизајнот“, објаснува младата дизајнерка.
Учеството на Данијела Савиќ на EXPO.30 е во организација на катедрата за моден дизајн на Факултетот за арт и дизајн, под менторство на проф. д-р Гордана Вренцоска, проф. д-р Јана Манева-Чупоска и проф. м-р Маја Ѓуреска.
Инаку, во фокусот на EXPO.30 е македонската мода претставена преку премиерна проекција на документарен филм за ретроспектива на модата во првите 30 години независност и преку модни ревии на 10 македонски модни дизајнери, одбрани претставници на 3 декади и групна модна ревија на три факултети за моден дизајн. Музичката подлога за модните ревии ќе биде компилирана од познати македонски диџеи.
Comments