Креативноста и адреналинот доаѓаат штом ќе засвири музиката
07.12.2020 Декември Понеделник
Моменти од сцената со Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, Мартин Ѓаконовски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Тони Китановски, Сетстат, Саше Поповски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други музичари се само дел од фотографиите од изложбата „Џезтетика“ на Татјана Ранташа, деновиве поставена во Центарот за млади во Белград. Изложбата се состои од фотографии од различни генерации на македонски џез-музичари со кои авторката работела во последните 15 години.
„Џезтетика“ е доказ дека џез-фотографијата е безвременска и секогаш актуелна. Беше ли тешко да се направи селекција од 15-годишна архива? – Напротив, беше тешко да се направи избор поради немање доволно фотографии, особено квалитетни. Повеќето се фотографирани многу скоро. Некако, секогаш се ориентираме кон тоа што ни доаѓа од надвор и многу ретко знаеме да го цениме тоа што го имаме тука, генерално, на сите полиња. Истото тоа важи и за музиката и за фотографијата. Така што идејата да се направи изложба од македонски џез-музичари се обидува да ја пополни таа дупка. Да промовира нешто наше. Што сервира „Џезтетика“? На што силно сакавте да ставите акцент? – Сервира македонски производи. Акцентот е на тоа дека македонската џез-музика, музичарите, нивната изведба и композициите се на врвно ниво, а тоа е за фалење и за славење. Кога би направиле ретроспектива на вашиот фотографски времеплов, кои фотографии се издвојуваат како најзначајни? – Мојата фотографска биографија никогаш не била создавана за да се истакнам туку поради самиот чин на создавање. Имало убави моменти, како изложбата со Соња Димовска на фестивалот БОШ, нејзините графики и моите портретни фотографии на авторот. Ама многу побројни и поважни се моментите на самото фотографирање, контактот со изведувачите, публиката, магијата на настанот. Јасно е дека претпочитате документирање на џез-звукот. Со кои зборови ја опишувате џез-фотографијата? – Џезот е само еден дел од приказната. Не можам да кажам дека го претпочитам. Уживам да фотографирам и танц, театар, рок-концерти… Џезот е посмирен, подобро осветлен, поблагодарен за фотографирање на пример од рок-концертот, каде што треба да се борите со обожавателите во првиот ред, сите се поподвижни и треба малку повеќе да се помачиш за да го уловиш она што сакаш да го постигнеш. Веројатно тоа си доаѓа со годините. А магијата ја има секаде, само треба да сакаш да ја видиш. Кој е најскапоцениот момент што ќе го уловите од сцена? – Кога ќе успееш барем за миг да направиш контакт со уметникот. Таа секунда внимание што го добиваш од него може да резултира во прекрасна фотографија. Од досега сработеното, што најсилно ви ја распламтува енергијата за фотографија? – Тоа некако доаѓа на бранови, понекогаш ќе си речам сѐ е веќе фотографирано, што можам јас повеќе да направам. И потоа ќе ме понесе музиката и ќе си ја преточам душата низ објективот и, ете, настанало нешто ново. Секогаш има некој агол што не е пробан, некое ново светло што треба, ете, баш така да се фати. Креативноста и адреналинот си доаѓаат самите од себе штом ќе засвири музиката. Кој ви е омилениот дел од работата како фотографка? – Самото фотографирање. Само не терај ме потоа да седам со часови и да ги средувам фотографиите. Со што сакате да ја збогатите вашата фотоархива? – Со портрети од сите наши уметници, особено од оние што немаат добра портретна фотографија, за да си ги претстават своите дела. Ова може да се сфати и како јавен повик.
ความคิดเห็น