Креативно и емотивно – започна славењето на танцот во Скопје
Креативно и со многу емотивен набој во својата игра, младите таленти од Кодартс танцовата компанија од Ротердам го започнаа славењето на танцот во Скопје, каде што од завчеравечер, по 19. пат, се одржува „Танц фест“.
Осумнаесет млади танчари со својата софистицираност и експресивност на сцената на Македонскиот народен театар измамија бурен аплауз од присутните, кои во рамките на холандската танцова претстава „Таленти во движење“ имаа можност да проследат кореографии на осум светски познати кореографи.
Симпатии од публиката доби и младиот танчар од Словенија, кој својата приказна за тоа како станал член на академијата од Ротердам на сцената ја кажа – на македонски. Притоа напомена и дека е потребна соработка и меѓу земјите од бившиот ЈУ простор…
Амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, пак, пред присутните ја потврди поддршката и продолжување на соработката и во идниот период.
Од страна на „Танц фест“ пак, беше врачена и наградата „Менада“ за поддршка на современиот танц. Годинава таа беше наменета за Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам Холандија, со кој Интерарт културниот центар соработува 15 години и со чија поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава, како и на универзитетот „Гоце Делчев“, на кој во 2017 се вдоми Катедрата за современ танц. Наградите ги примија директорот на Кодаратс танцовата компанија, Кит Рандолф и проректорот за наука на универзитетот „Гоце Делчев“, професор д-р Зденка Стојановска.
Под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“ и во наредните денови на неколку локации во Скопје ќе се одржат танцови претстави. Како што посочуваат од Танц фест програмата е извонредно богата, а ќе бидат претставени 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина.
Во рамките на Фестивалот ќе настапи „Далас Блек танцовата компанија“ од САД, ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, како и „А приори“ компанијата од Грција. Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите на Филип Петковски, како и на Ивана Балабанова и Алесандро Ола. Скопје танцовиот театар, пак, ќе ги претстави новите продукции на Адријана Данчевска и на Дејан Битровски, а ќе ја видиме и новата кореографија на Бобан Русески.
На 26 април во МНТ, пак, ќе се изведе премиерата на кореографијата на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фестивалот во Верона Италија… (Д.Т.)







Comments