Крајбрежната стража: Сите патници во подморницата се мртви, имало имплозија
Американската крајбрежна стража објави дека се пронајдени остатоци во близина на местото на исчезнатата подморница „Титан“ и дека сите членови на екипажот загинале. Компанијата „Оушн Гејт“ ја потврди смртта на петте патници на исчезнатата подморница „Титан“, чии делови денеска беа откриени на дното на океанот, пренесуваат медиумите во регионот. На неодамнешната прес-конференција на крајбрежната стража, адмиралoт Маугер рече дека сè уште не можат да кажат кога всушност се случила експлозијата. Се претпоставува дека катастрофата се случила уште пред да се започне спасувачката операција. „Бараме во последните 72 часа. Имавме сонарни бови во водата речиси континуирано и не откривме никакви катастрофални настани додека беа во вода“, рече тој. Остатоците од подморницата се пронајдени на повеќе од 200 метри од лакот на потонатиот брод Титаник. Карл Хартсвил од океанографската институција „Вудс Хол“ изјави за новинарите дека тие се пронајдени во област каде што нема остатоци од Титаник. Тој вели дека тоа е област со рамно дно. „Големината на полето со остатоци е во согласност со имплозијата“, рече тој. На парашање на новинарите за звуците кои спасувачите ги слушале изминатите денови, контраадмиралот Џон Маугер вели дека дејствувале според информациите што ги имале и дека звуците што ги снимиле не припаѓале на подморница. „Ќе имаше катастрофална експлозија во подморницата што ќе предизвикаше звук што сигурно ќе го регистриравме“, рече тој. Крајбрежната стража не одговори на прашањето за можното извлекување на телата. Опремата за слетување и задниот отвор на исчезнатата подморница беа откриени денеска од подморница со далечинско управување.
Comments