Краузер до златото со три олимписки рекорди!
ЛОИ – ФРЛАЊЕ ЃУЛЕ
Американецот Рајан Краузер (28) приреди неверојатно шоу, соборувајќи повеќе олимписки рекорди до повторното освојување на златниот медал во фрлање ѓуле на Игрите во Токио. Уште во првиот обид тој забележа должина од 22,83 метри, за нов олимписки рекорд, подобар за 31см (22,52 метри) од неговиот рекорд поставен при освојувањето на златото на Игрите во Рио пред пет години. Краузер, кој е и актуелен светски рекордер со 23,37 метри, поставен во јуни на американските олимписки изборни натпревари, не застана тука. Веќе при второто фрлање, по 15 минути, повторно го надмина олимпискиот рекорд со должина од 23,93 метри. Но најдоброто го остави за крај. Во последното фрлање тој постави уште еден олимписки рекорд, 23,30 метри, и го потврди златниот медал, прв за Американците во машка конкуренција во атлетика во Токио. Тој е првиот Американец што освоил олимписко злато во фрлање ѓуле на две ОИ по ред, по Пери О’Брајан, кому тоа му успеа на Игрите во Хелсинки во 1952-та и во Мелбурн 1956 година. Откако го освои златото, Краузер му ја покажа на светот рачно напишаната белешка: „Дедо, успеавме. Олимписки шампион 2020“. – Ова беше посебен момент за мене. Минатите неколку недели беа тешки, почина дедо ми. Тој беше оној што ме натера да фрлам ѓуле и ова беше мојот прв натпревар без него. Го напишав тоа за него. Ми беше посебно задоволство еднаш да фрлам за него – изјави Краузер за „Ен-би-си“.
Comments