Кратките македонски филмови излегуваат од депоата
Updated: Jun 28, 2021
26.06.2021 Juni Ponedelnik
ДВД-изданието „Македонскиот краток игран филм“ во изработка на Кинотека денеска ќе биде промовирано како дел од програмата на фестивалот „Златна рамка“. Во изданието има вкупно 31 краток игран филм, од „Бунт на куклите“ на Димитрие Османли од 1957 година, па сѐ до „Налепница“ на Георги Унковски од 2019 година. – Краткиот игран филм сам по себе претставува филмски жанр што е најмалку достапен до публиката. Причината зошто беше направена оваа збирка или поточно кажано пресек на македонскиот краток игран филм е заради тоа што овие филмови заслужуваат да излезат од депото на кинотеката и да станат подостапни за публиката.
Кога веќе зборуваме за изборот на филмови, морам да истакнам дека не станува збор за збирка кратки филмови направена врз основа на постулатот „најдобри“ или „најнаградувани“. За да бидам појасна, ова е избор што зависеше од неколку предуслови, а тоа се достапноста на филмските материјали, состојбата на филмскиот материјал, како и достапноста на изворите (продукциите) за обработка на филмовите – вели Дамјана Патчева, филмолог од Кинотеката на Северна Македонија.
Таа вели дека иако со мало задоцнување краткиот игран филм во Македонија ги следи тековите на филмските продукции во светот. – Сепак, морам да признаам дека јас не сум филмски критичар за да зборувам за филмскиот стил и насоките на развој на кинематографијата, но она што можам да го заклучам како филмолог и филмски архивист е неверојатната иновативност во темите и обработката на сценаријата што ја сретнав во сите овие филмови. За мене лично, филмовите создавани кон крајот на 1980 и 1990 г. ми станаа предмет на интерес во последно време и срдечно ги препорачувам – вели Дамјана.
Според неа, младата публика, која е најчесто на социјалните мрежи, сѐ повеќе го насочува своето внимание кон кратката форма. – Зарем некој од нив би преседел три часа во киносала гледајќи филм? Мојот впечаток е дека кратката играна филмска форма станува сѐ поинтересна за помладата публика, а сѐ почесто кај нас се продуцираат кратки играни филмови што остваруваат значаен успех на многу светски фестивали. Иако ова е прво издание на кратките играни филмови, тоа не значи дека ќе биде и последно. Кинотеката пред сѐ претставува архив каде што се чуваат овие филмски дела, а оттука е и нашата препорака до филмаџиите за депонирање филмски примерок кај нас, со цел да се зачува нивното дело, а и истото тоа на овој начин и ќе се презентира – изјави Патчева.
Темите што се разработувани во кратките филмови се различни. Од социјалистичката тематика на „Лифт горе лифт долу“, до црните комедии „Неволјите на покојникот К.К.“, до документарецот „Исчезнувањето на Сузана Арсова“, па сѐ до комедиите „Налепница“ и „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“. – Играниот филм е повеќе од обична филмска вежба. Да се сработи добар краток филм е потешко отколку да се направи просечен долгометражен игран филм – истакнува Дамјана.
Comments