Краткиот македонски филм „Шеќерни луѓе“ во ноември на фестивалите во Прованса и Римини
Македонскиот краткометражен филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски во ноември ќе биде прикажан на 40. издание на Festival Tous Courts of Aix-en-Provence и на 15. издание на Amarcort Film Festival во Римини, а во февруари 2023 – и на Cambria Film Festival во Калифорнија, САД.
Филмот, кој премиерно беше прикажан на 22. Филмски фестивал во Беверли Хилс, САД, во јуни годинава, освои четири награди во изминатите три месеци, на различни интернационални фестивали за краткометражни филмови.
Наградата за најдобра оригинална музика, чиј автор е Дуке Бојаџиев, ја понесе на CineParis Film Festival, за најдобар постер дизајниран од Коста Лазаревски беше награден на Toronto Women Film Festival, а Сара Климоска, која толкува една од главните улоги, е прогласена за најдобра актерка на Kiez Berlin Film Festival и на Reale Film Festival.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе ”, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју продукција“, досега е селектиран во официјалната селекција на 12 интернационални фестивали за краткометражни филмови во САД, Канада, Франција, Германија, Албанија, Италија и во Парагвај, а ја имаше својата интернационална премиера на 22. издание на Филмскиот фестивал во Беверли Хилс во САД, на 4 јуни 2022.
Пред премиерата, филмот беше селектиран и беше дел од каталогот на Канскиот филмски маркет за краткометражни филмови, со проекција одржана во рамките на филмскиот маркет на 26 мај оваа година, како единствен македонски краткометражен филм кој беше претставен оваа година на маркетот во Кан. „Шеќерни луѓе”, исто така, беше прикажан и на: Cine Paris Film Festival, Tirana International Film Festival, Ciudad del Este Independent Film Festival, Flickers’ Rhode Island International Film Festival, Festival International Signes de Nuit – Paris, Toronto Women Film Festival, Reale Film Festival и Kiez Berlin Film Festival.
Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографијата се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски. Дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски, а автор на музиката компонирана за филмот е Дуке Бојаџиев.
Филмот зборува за тоа колку светови може да се создадат од само една случајна средба на раскрсница. Филип е 35-годишен човек кој едно утро додека чека во својата кола на раскрсница, забележува една 25-годишна девојка на велосипед. Тоа е Елена, девојката што се снима зборувајќи во својот диктафон. По некое време, двајцата повторно се среќаваат во едно бистро. Така почнува нивната приказна, исполнета со игри, шармантни поигрување со другиот, привлекувања и еден емотивен пресврт. Во еден момент, Елена му ја раскажува на Филип приказната за шеќерната девојка. Дали оваа приказна ќе биде приказна и за нивната релација или приказните припаѓаат на некоја друга реалност? И што ако нивната средба на раскрсницата била само можност за создавање една приказна, која, можеби, никогаш не се случила?..
Comentarios