top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Кош-разликата ја одведе Македонија во квалификациите за СП

КОШАРКА – ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА ЦРВЕНО-ЖОЛТИТЕ

Македонската машка кошаркарска репрезентација првпат во историјата се пласира во квалификациите за Светското првенство (СП) 2023 година, откако на претквалификацискиот турнир во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, група Ф, го освои првото место, поради најдобрата кош-разлика (плус седум). Македонија, која се наоѓа во последниот осми барабан (со Шведска, Португалија и Словачка), ќе ги дознае ривалите во квалификациите на 31 август, а натпреварите се закажани во ноември, годинава. Во последниот четврти натпревар, а втор против Словачка, жолто-црвените неочекувано високо загубија од Словачка со 72-88, односно онолку колку што им беше потребно на Словаците да завршат како втори (минус три коша), па со тоа и тие да се пласираат во квалификациите за СП. Кристијан Николов со 17 поени беше најефикасен во македонските редови на последниот меч, Адем Мекиќ впиша 16, Бојан Крстевски 15, а Џејкоб Вајли 14 коша. Кај Словаците Михаел Фушек реализира 23 поени. Поради послабата кош-разлика (минус четири коша), не успеа Швајцарија, која заврши како третопласирана. Турнирот се играше двокружно, а Македонија загуби и ја победи Швајцарија со 62-67, односно 67-61, ја победи и загуби од Словачка со 69-47, односно 72-88. Швајцарија, пак, загуби и ја победи Словачка со 56-64, односно 65-60, па откако сите имаа по шест бода, за пласманот решаваше кош-разликата.

– Оставивме лош впечаток за крај. Но би сакал да им честитам на момците, ја остваривме целта, како првопласирани одиме во квалификациите за СП. На стартот никој не веруваше дека можеме да ја минеме оваа фаза, посебно по поразот од Швајцарија, но им кажав на сите дека ќе работиме чесно и чесно ќе се вратиме. На турнирот имавме добра одбрана, но на последниот натпревар потфрливме. Ние, според некое моето видување, останавме без девет играчи во ростерот. Мора малку време и простор да се види кој од сите оние играчи што не ни помогнаа сега, ќе можат да помогнат потоа. Доаѓа европската елита, сакам да им дадам шанса на сите и на помладите играчи, кои во следните години треба да бидат со репрезентацијата – изјави селекторот Драган Бајиќ. Пласман во квалификациите за СП 2023 обезбедија уште селекциите на Летонија и Белорусија (група Д), Португалија и Шведска (група Ц), Црна Гора и Исланд (група Е).


1 view

Comments


bottom of page