top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Костадиновска-Стојчевска од Струга: Жива е мисијата на браќата Миладиновци за зачувување на поетскио


Костадиновска-Стојчевска од Струга: Жива е мисијата на браќата Миладиновци за зачувување на поетскиот збор Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вчера, на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, го отвори 62. издание на Струшките вечери на поезијата. Таа во своето обраќање рече дека ехото на Миладиновци е присутно и денес и дека од година на година е сè погласно посочувајќи дека нашата Струга е посебно место, каде што на Мостовите на поезијата се сретнуваат и Истокот и Западот и место каде што сè уште боли „Т’га за југ“. „Продолжи тоа ехо, благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори, чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување“, додаде министерката. Костадиновска-Стојчевска рече дека Струга во својот полн сјај сведочи за визијата на големите македонски автори, кои со децении ја збогатуваат нашата култура, а Струшките вечери на поезијата не се само славење на зборовите, туку и поетско рандеву, кое е потврда на душата на човештвото. „Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот, за сè што е неизречено. Го има и изразот вештачка интелигенција, која можеби ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина“, посочи таа. За нејзиниот говор главна инспирација беа зборовите на лауреатот, годинашниот венценосец, академик Влада Урошевиќ, според кој: „Поетот не му е должен никому ништо, освен на јазикот на кој ги создава своите дела“, со кој се согласува и министерката за култура Костадиновска-Стојчевска посочувајќи дека човештвото не може да се замисли без поезија. Годинашното фестивалско издание се одржува со мотото „Чувствотворен јазик“ со намера да се потенцира аспектот на поезијата и на поетскиот јазик како јазик творен, односно создаден од чувства, но и како јазик што создава чувства, во своето автентично издание. На Струшките вечери на поезијата, еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, кој ќе се одржува од 24 до 28 август, годинава поетски читања ќе имаат над 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација. Дел од фестивалот ќе биде и специјалниот настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија, во кој на културната манифестација Струшки вечери на поезијата учествуваат од 2014 година. Од изданијата на Струшките вечери, покрај Монографијата за добитникот на „Златен венец“; „Зборникот“ на фестивалот, кој годинава ќе биде во проширено издание, а ќе има и електронско издание; тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“; изданието на добитникот на наградата „Мостови“; во чест на јубилејот 60 години од утврдувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена и антологија за поезијата и флората „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор и филозоф – Иван Џепароски. По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во соработка со Амбасадата на Унгарија, на годишното издание на Струшките вечери на поезијата ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој славен унгарски поет.



2 views

Comments


bottom of page