Костадиновска-Стојчевска: МКЦ го поддржуваме со проекти, фокусот е на младите
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата, на која ги презентираше резултатите од годишните конкурси, беше прашана и за својот став во однос на Младинскиот културен центар, на што таа одговори:
„Имав средба со дел од програмскиот совет на МКЦ и она што е во делокругот на Министерството за култура, ние го остваривме. Односно МКЦ го поддржуваме во програмскиот дел, а тоа се: манифестацијата МОТ, „Здраво, млади“, меѓународното гостување на женскиот хор и книжевните работилници. Со тоа даваме јасна поддршка на дејствувањето на МКЦ како политика со која ги поддржуваме и младите. Тоа е она што е во дејствување на Министерството за култура, а што се однесува за програмата на МКЦ, секогаш сме отворени, ако тие имаат нови, иновативни идеи, да се обратат до нас за да можеме да ги поддржиме“.
Што се однесува, пак, на новинарското прашање за тоа колку се опфаќаат младите и жените со проектите во програмата, таа истакна дека фокусот на Министерството за култура е на младите.
„Нашиот фокус, секако, се младите, како што беше нашиот фокус и при креирањето на програмата. Примат секогаш имаат младите – да творат, да се креативни, а, секако, не беа заборавени и жените“, рече таа.
Comentários