Кореографката и танчарка Матеа Киселичка е добитничка на престижната награда „МЕНАДА за млад уметник
Кореографката и танчарка Матеа Киселичка е добитничка на престижната награда „МЕНАДА за млад уметник 2021“, доделена од стручниот совет на Танц фест Скопје, кое го сочинуваат долгогодишните соработници на фестивалот, Љупчо Јолевски, Билјана Илиќ-Геровска и Билјана Несторовска.
Киселичка во моментов работи како универзитетски професор по современ танц на Универзитетот за музика „Зеџијанг“ во Ханџо, Кина. Таму како автор се потпишува на кореографските дела „Убаво што ме запозна“, претставено на 12. престижна Изложба за танцова едукација, како и “TAOLI Cup” и “JAE – Just About Everyone”, чија премиера се одржа на Фестивалот за музика и танц на Кина и Централните и Источни европски земји, одржан на Конзерваториум за музика „Зеџијанг“ во Ханџо. Во 2020, извонредната “JAE – Just About Everyone” се изведува и на танцовиот фестивал за креативни изведбени достигнувања, Конзерваториум за музика „Зеџијанг“, Ханџо. Најново нешто во нејзиниот творечки опус се кореографските сегменти во операта „Магичната флејта“ – В. А. Моцарт, при Конзерваториумот за музика „Зеџијанг“, Ханцо. Во 2010 година, запишува додипломски студии на Скопје Танцовата академија при Универзитетот ЕСРА, каде што изучува современ танц во класата на професор д-р Рисима Рисимкин и станува дел од првата генерација на современи танчари во Македонија. Била дел од повеќе танцови продукции и турнеи, но бележи и бројни самостојни проекти.
Инаку, „МЕНАДА за млад уметник“ е награда за годишни остварувања во областа на танцовата уметност, која се доделува со цел да го промовира современиот танц, како и танцовата уметност во целост, во насока на поттик и унапредување на развојот на младите уметници, но и нивен пласман на интернационалната сцена. Преку наградата, Танц фест го трасира патот и ги приближува европските и светските вредности, со цел да ја презентира најдобрата уметничка експресија и да ѝ ја понуда на публиката и љубителите на убавата уметност. Првата „МЕНАДА за млад уметник“ беше доделена на јубилејното 15. издание на Танц фест во април, 2019 година.
コメント