top of page

Концертот на Џијан Емин и пријателите – љубов подарена и возвратена

Updated: Apr 1, 2022

28.03.2022 Mart Ponedelnik

Музичарот, композитор и диригент Џијан Емин најави концерт кој ќе биде микс на носталгија и надеж за подобро утре, а присутната публика во салата на Филхармонија во Скопје, во петокот вечерта доби многу повеќе. Заедно со своите пријатели, тој одржа несекојдневен и пред сè атрактивен музичко-поетски и визуелен перформанс насловен “Диши љубов“.

Со оглед на бројот на присутната публика во салата, овој музички настан беше дочекан со голем интерес, а Емин Џијан на присутните преку музичката одисеја ѝ подари љубов. Го спомна своето и наше Скопје, нè врати во минатото, нè потсети на сегашноста, пееше за воздухот во градот…

Тој дишеше заедно со публиката во ритамот на десетте композиции кои ќе се најдат на албумот што наскоро треба да биде издаден.

Џијан овој пат го видовме и како вокалист кој на сцената ги отпеа одличните текстови на музикологот и директор на Филхармонија, Тина Иванова, но и како гитарист, кој истовремено диригираше со „Магичниот гудачки ансамбл“ во кој членуваат музички уметници од Филхармонија и хорот „Магични гласови“.

На сцената, пак, музичката магија ја надополнија извонредните и веќе добро познати музичари на македонската јавност Гоце Стевковски на тапани, Дарко Мучев на бас гитара, Драган Гиновски и Ади Имери, на гитара. Целата атмосфера беше збогатена и со видеопроекциите на Емил Петров.

Непосреден и секогаш позитивен, Емин Џијан уште еднаш даде сè од себе и во овој негов најнов проект, создавајќи музичко патешествие кое публиката, секогаш желна за нешто ново, свежо, професионално и од срце сработено, знаеше да го награди – со аплауз и наклон за големиот вљубеник во музиката Емин Џијан. (Д.Т.)



 
 
 

Comments


bottom of page