top of page

Концертот „Вруток“ на Факултетот за музичка уметност го отвора 44. „Скопско лето“

Со концертот на Факултетот за музичка уметност насловен “Вруток“ вечерва на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката (21 јуни) во фоајето на Националната опера и балет, се отвора 44. издание на културната манифестација „Скопско лето“. Според Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје која е организатор на манифестацијата, „Скопско лето“ оваа година дава малку повеќе простор на младите. Продеканот Љубиша Кировски, од Факултетот за музичка уметност, пак, посочи дека токму насловот на концертот

„Вруток“ укажува дека се работи за извор на младешка енергија, нешто што е двигател во нашата средина.

„Посебна чест ни е што ќе бидеме на отворањето на ‘Скопско лето’, кое има долгогодишна традиција. Сите ние растевме со фестивалот и мислам дека Факултетот ќе се претстави во полн сјај, со полн капацитет. На самиот концерт ќе бидат претставени сите наши ансамбли кои ги поседува Факултетот, хорот кој ќе се претстави со дела на наши реномирани автори. Камерниот оркестар, како и симфонискиот оркестар на ФМУ под диригентската палка на Борјан Цанев со увертира „Свадбата на Фигаро“ и популарни и познати романски танци“, потенцираше Кировски.

Глигоров, пак, посочи дека во рамките на програмата ќе учествуваат националните установи со настани, но нема да изостане и меѓународен дел, а ќе има гости од соседните држави, пред се од Србија и Грција, но и од Австрија, Италија, Израел, Словенија, Грузија и САД. Програмата, како што истакна е конципирана така да одговара за сечиј вкус и за сите возрасти.

„Имаме две детски театарски претстави од Театарот за деца и младинци, ќе има неколку фотографски изложби, но и изложба на фотографии од Џон Илија Апелгрин, „Забранети луѓе“, посветена на короната која ја живеевме две години, а која ќе биде отворена во Кинотеката. Ќе има промотивен концерт на албумот „Вида“ на Мијата (28 јуни), модна ревија (30 јуни) во фоајето на Националната опера и балет, промоции на книги, фолклорни и концерти на класична музика…, посочи Глигоров.

Од 3 јули, пак, Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) ќе организира изложби во просториите на КИЦ, во Француски институт Скопје, галерија „Грал“, во Дебар Маало на локација на куќата каде живеел Ацо Шопов и во градска кафеана „Пелистер“. Се работи за проект посветен на 60 години од скопскиот земјотрес и сто години од раѓањето на Ацо Шопов. Во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ ќе биде отворена изложба на дигитални слики на Игор Поп Трајков „Особеност“ (10 јули), а во Сули ан, ќе се одржи мултимедијален проект „Вечер на мултикултуноста на Црна Гора“ (13 јули). Од театарските претстави ќе бидат претставени најдобрите остварувања на Македонски народен театар и Драмски театар и тоа „Лагата“ од Флоријан Зелер во режија на Бесфорд Идризи и „Кафез кај кокони“ во режија на Димче Николовски за која секогаш се бара билет повеќе.

Годинешново “Скопското лето“ ќе заврши со концертот на ансамблот „Camerata Academica“ од Словенија, на 31 јули, во Музејот на македонската борба. (Д.Т.)



 
 
 

Commentaires


bottom of page