Концерти на „Спејс трио“ и „Ејот“ на „Крај Вардарот џез“
Годинашното, трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи на 23 и на 24 септември, во Македонската филхармонија. Идејни творци на фестивалот се џез-музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов. Станува збор за меѓународен фестивал на современ џез, светска и етномузика, кој веќе три години во континуитет на домашната публика ѝ ги претставува најрецентните авторски остварувања, високоценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признaени таленти.
– Фестивалот произлезе од потребата да поддржиме една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светски современ израз. Со две изданија зад себе и публика, која опфаќа и до 2.000 посетители, „Крај Вардарот џез“ успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на „ПМГ џез“, кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа, со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез-сцена во нашата земја – велат Попов и Дробицки.
Првата интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филхармонија ќе почне во 20 часот, со извонредни музичари од регионот и настап на „Спејс трио“ од Бугарија и најреномираниот српски џез-состав, „Ејот“ од Ниш. „Спејс трио“ е формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на „инстант композиција“, а ја води спонтаноста во изразот. Членови на оваа формација се: Живко Братанов – пијано, Георги Ангелов – перкусии, Васил Хаџигрудев – контрабас. Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи истакнатиот џез-музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ.
„Ејот“ е најреномираниот српски џез-состав во последнава деценија, во регионот и на светската сцена. Лидер е виртуозот на клавир Дејан Илијиќ, а составот го комплетираат: Милош Војводиќ на тапани, Марко Стојилковиќ, бас и Слаѓан Миленковиќ на гитара. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и на Источна Европа.
Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември, во Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, со концертен настап на сега веќе култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез-формација. „Сетстат“ ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот тридецениски опус, кој ќе биде одново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во филхармонијата. Во оваа специјална вечер ќе настапи и Идриз Амети, лидер на групата „Бла бла бла“, со соло-изведба на авторска музика на шаркија. Амети е присутен на музичката сцена од 1986 година и работи со различни бендови и уметници.
Comments