Концерти на националните ансамбли „Танец“ и „Коло“
Националните ансамбли „Танец“ и „Коло“ имаат долгогодишна успешна соработка, а последен пат настапија заедно на Новогодишниот концерт на „Танец“ во 2019 година. Тогаш на сцената на Македонскиот народен театар заиграа заедно над 120 учесници, спектакл во кој уживаа сите љубители на врвниот македонски и српски музичко-сценски фолклор.
Оваа година ансамблот „Коло“, кој е основан во 1948-та, само една година пред основањето на „Танец“, ја чествува својата 75-годишнина. Јубилејот го следи програма со серија активности, меѓу кои и регионалната турнеја наречена „Колодром“, во која се вклучени два концерта со ансамблот „Танец“ – вечерва во Крагуевац и во Битола на 9 јуни.
Македонската јавност, на концертот во Битола, кој ќе се одржи на 9 јуни, во Центарот за култура со почеток во 19 часот, ќе може да ужива во раскошните кореографии и сценски адаптации како Радовишки собор, Водарки, Копачка, На Мегдан, Врањска свита, Игри од Шумадија, Влашки игри, Игри од Биначка Морава, Тројно, како и во прекрасните вокално-инструментални сплетови на народни мелодии од богатиот репертоар на двата ансамбли.
Концертот во Крагуевац, Србија, кој ќе се одржи вечерва, во најпознатата спортска сала во градот, „СББ хала Језеро“, е замислен како своевиден музичко-сценски спектакл, наменет за голем аудиториум, на кој ќе дојдат до израз големината и значењето на овие два државни ансамбла, кои се најголемите културни амбасадори на своите земји, Македонија и Србија.
Comments