Концертен спектакл со светската виолинистка Ирина Мурезану
Концертен спектакл со наслов „Фузија“ ќе спои два врвни камерни оркестри од Македонија и од Србија заедно со светски познатата виолинистка Ирина Мурезану, која првпат ќе настапи во Македонија. Концертот ќе се одржи на 2 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје.
Романската виолинистка Ирина Муресану ги освојува срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. „Бостон глоуб“ ја пофали како „не само виртуоз туку и уметник“, а „Лос Анџелес тајмс“ напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Муресану особено восхитувачка“. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреатка и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал, Вашингтон, на „Про музицис интернационал“ и оној организиран во чест на кралицата Елизабета Втора.
На настапот во Скопје му претходи претставувањето на концертот „Фузија“ пред српската публика, три дена претходно, во една од најпрестижните сали на Балканот, легендарната сала „Коларац“ во Белград. Организаторите најавуваат исклучително уникатна програма.
Премиерно пред македонската публика ќе се изведат комплексните и виртуозни дела од Б. Бритн – „Варијации на тема од Френк Бриџ“ и „Романска рапсодија“ бр.1 од Ж. Енеску, како и популарните „Четири годишни времиња“ од А. Вивалди и А. Пјацола.
– Можноста за уметникување и споделување на сцената со врвни уметници од САД и од Србија, кои премиерно гостуваат и настапуваат во нашата земја, ни причинува огромно задоволство и предизвик. Верувам дека концертот ќе биде уникатен и оригинален настан што со сигурност ќе ги задоволи вашите уметнички критериуми – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка и диригентка на камерниот оркестар „Профундис“.
Влезниците се продаваат преку продажната мрежа на „МКТикетс“ и на билетарницата на Македонската филхармонија.
Comments