top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Концерт со Ивана Здравкова и Бисера Чадловска

„Концерт за сопран и оркестар“ со Ивана Здравкова, сопранистка, и Бисера Чадловска, диригентка, е закажан за денеска, во 20 часот, во камерната сала на Филхармонијата, во организација на камерниот оркестар „Скопски солисти“. Камерниот оркестар на Македонската музичка сцена се појави во 2000 година.

– Оваа благородна и убава идеја, по примерот на загрепскиот, софискиот и други слични оркестри на Балканот, ја реализира нашиот реномиран обоист, проф. м-р Васил Атанасов, кој наедно е и уметнички раководител на ансамблот. Оркестарот е формиран од група афирмирани и признаени македонски уметници, на кои им се придружија група млади, но мошне талентирани музичари. Интенцијата на овој ансамбл е да презентира камерна музика, од барок до современа музичка литература, со истакнато чувство и респект кон македонското музичко творештво. Скопските солисти настапуваат на значајни манифестации и фестивали во земјата, како и на гостувања во странство – пишува Васка Наумова Томовска, музичка критичарка и публицистка.

Ивана Здравкова, пак, важи за сопранистка за која австриската критика вели „луксуз“ и „со многу сигурен, впечатлив и мек сопран“. Родена е во Скопје, Македонија, во музичко семејство (музичари – оперски пејачи). Воведот во уметноста на македонско-австралиската пејачка е преку балетниот танц во Мелбурн. Нејзината вокална обука започна во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, а продолжи на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломира со кум лауде. Здравкова потоа магистрира на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац и дипломира во 2014 година со „Почести“. Ивана Здравкова повеќе години настапува во продукции на театарот „Баден“ во Австрија, а меѓу другото ѝ е позната и на македонската публика, преку повеќе оперски улоги во Македонската опера и балет.

Бисера Чадловска е родена во Скопје, во 1978 година. Нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје започнува да го посетува на петгодишна возраст, кога почнува да изучува пијано. По завршувањето на нижото музичко училиште, се запишува во средното музичко училиште на наставно-теоретскиот оддел. Во 1996 година ги започнува студиите по оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 2001 година дипломира на отсекот по оркестарско диригирање, со концерт со Македонската филхармонија. Постдипломските студии ги продолжува во Софија, на ДМА „Панчо Владигеров“, во класата на професор П. Џуров, и магистрира со највисоки оценки. По завршувањето на образованието, почнува да работи како хор-мајсторка во Македонската опера и балет. Како талентирана млада диригентка, набргу започнува да работи и како асистент-диригентка и понатаму диригентка на голем дел од оперските и балетски претстави на репертоарот на МОБ. За време на нејзината 20-годишна работа како диригентка, остварува голем број премиерни изведби на оперски и балетски претстави и концерти, како и дела од македонски композитори. Нејзиниот репертоар содржи импозантна бројка од над 50 оперски и балетски наслови. Премиерно има изведено неколку дела од македонски композитори.


1 view

Comments


bottom of page