Концерт на флејтистката Митева и пијанистот Трбојевиќ во ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп
Во ЦК „Марко Цепенков“, во Прилеп, на 7 јули од 20 часот, концерт ќе одржат Златка Митева на флејта и Наташа Трбојевиќ на пијано, а ќе бидат исполнети дела од македонски композитори. Концертот е дел од програмата за 2021 на Центарот, поддржан од Министерството за култура. На овој концерт на дуото Митева – Трбојевиќ ќе бидат изведени дела за флејта и пијано од македонски композитори од неколку генерации. Програмата е конципирана да опфати македонски композитори од постарата генерација, од основоположниците на современата македонска музика, како што е Прокопиев, автори од втората генерација како што се: Зографски, Стојков, Бранѓолица, Џамбазов, па сè до најмладите автори како Гавриловски и Велковска-Трајановска. Репертоарот изобилува со разноликост по форма, карактер и музичка мисла и придонесува кон целосно уживање и заинтересираност од страна на публиката секаде каде што оваа програма била изведувана.
Comments