Концерт на Филхармонијата со Табаков и перкусионистката Колева од Бугарија
В четврток, 1 февруари, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот „Чистина“, на кој како солистка ќе настапи перкусионистката Татијана Колева (Холандија/Бугарија), а диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија. На програмата се Концерт за маримба, вибрафон и тапан од Емил Табаков, кој ќе биде изведен премиерно, и Симфонијата бр. 2 во Де-дур од Лудвиг ван Бетовен.Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните и најплодни бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за разни инструменти, на дела разни по форма, за симфониски оркестар и за други формации. Автор e на девет симфонии, концерти за оркестар, концерти за разни инструменти, „Реквием“, камерни и соло композиции. Повеќето се нарачани од меѓународни фестивали и музичари. Неговите дела се издадени од Naxos, Gega, Balkanton и често се изведуваат во Бугарија, Германија, Португалија, САД, Јапонија, Финска, Франција, Австрија, Турција и др. Во својата музика Емил Табаков настојува да се фокусира на развојот на динамиката и на структурниот материјал. Критиката го дефинира како композитор што создава музика што се движи. Неговите дела ретко се движат во просторот на индивидуалното созерцание и спокој, тие речиси секогаш се фокусирани напред во времето. Табаков создава дела во кои ја презентира својата впечатлива композиторска техника, со која го развива тематскиот материјал, претворајќи го во музика на тези и антитези, на кулминации и падови. Музиката на Табаков е полна со контраст, но воедно, тој создава дела што може да ѝ се покорат на тишината, со прекрасно отсликани звучни пејзажи. Табаков ги сака метаморфозите, посебно во оркестарскиот звук. Во секое оркестарско дело тој виртуозно го третира звукот во оркестарот. Концертот за маримба, вибрафон и тапан е напишан во 2015 година, а премиерно е изведен две години подоцна со Камерниот оркестар на Габрово. Премиерната изведба била со перкусионистот Мирослав Димов, а делото се извело под диригентската палка на маестро Табаков.
Изведувано е и во Варна и во Софија со оркестарот на конзерваториумот и со ансамблот „Софиски солисти“. Солист на овие изведби на концертот бил Мирослав Димов. На македонската премиера на ова дело првпат овој концерт ќе го свири холандската перкусионистка со бугарско потекло – Татијана Колева. Концертот има класична триделна форма (брз, бавен, брз став), во кои Табаков му дава простор на солистот да ги покаже своите изведувачки перформанси. Во трите става доминира секој од инструментите кои имаат солистичка делница.
Ова дело на Табаков е инспирирано од бугарскиот фолклор, од традиционалните мелодии и ритми. Во него има одлични музички идеи кои композиторот маестрално ги развива преку впечатлив колорит и структура.
Симфонијата број 2 во Де-дур, опус 36, Лудвиг ван Бетовен ја напишал во време на голема лична криза, кога се соочувал се сериозни проблеми со ушите и кога во голема мера почнал да го губи својот слух. Во тој период престојувал во Хеилигенштад, село во близина на Виена, и во писмо до своите браќа Карл и Јохан напишал: „Како да се соочам со губење на сетилото, кое, за разлика од другите, кај мене мора да биде перфектно? Сетило што го поседував со полн капацитет! Колку понижувачки е кога некој што седи до мене може да ја чуе флејтата во далечина, а јас не можам да слушнам ништо“.
Иако се соочувал со тешка лична криза, Симфонијата број 2 не ја рефлектира фрустрацијата што се чувствува во писмото што го напишал до своите браќа.
Напротив, напишана е во сончевиот Де-дур, полна е со живот, елан и енергија. Одвреме-навреме оваа позитивна атмосфера е нарушена од брутални сфорцанда и драматични промени во динамиката. Емотивниот период низ кој поминувал се провлекува само како сенка низ ова маестрално оркестарско дело – како облак кој набргу го разбива ветрот и сонцето повторно излегува со својот полн сјај. Симфонијата е полна со енергија, комичност, со интензитет, кој во ниту еден став не попушта.
コメント