Концерт на светскиот пијанист Иво Погорелиќ во Скопје
Светски познатиот пијанист Иво Погорелиќ на 22 април, во 20 часот, за првпат ќе настапи во Скопје, поточно во Филхармонијата. Со камерниот оркестар „Ајга“ и под диригентската палка на Ана Спасовска, ќе бидат изведени Концерт за пијано и оркестар бр.2 од Шопен и Симфонија бр.7 од Бетовен. За овој легендарен пијанист, маестро Погорелиќ, кој ја обележа класичната музичка сцена на нашето време, велат: „Евокативните интерпретации на Иво Погорелиќ, обликувани со префинет музички вкус, ги проширија хоризонтите на литературата за пијано“.
Во пресрет на својот концерт во Скопје, тој посочи: „Многу ме радува мојот настап во Скопје. Јас само еднаш го посетив овој убав град, меѓутоа тоа беше пред многу децении. Претпоставувам дека ќе ме чекаат изненадувања и затоа сум многу љубопитен“.
Настапот во Скопје е дел од неговата турнеја во неколку европски држави како Франција, Италија, Белгија. По концертот во Скопје, Погорелиќ ќе настапи и во Загреб, Хрватска, а потоа и во Минхен, Германија. Тој има настапено на фестивалот „Охридско лето“, во 2015 година, во црквата „Света Софија“ во Охрид, каде што одржа два концерта.
Роден во Белград, на седумгодишна возраст започна да го изучува пијаното. На 12 години, замина за Москва, каде што продолжи неговото школување. За неговиот талент тогаш, сведочат големиот број награди и признанија што ги доби на интернационалните натпревари, како и „контроверзното“ учество на еден од најзначајните – Интернационалниот натпревар „Шопен“ во Варшава. Имено, во 1980 година, одлуката на жирито на овој натпревар да не го пушти овој млад пијанист да свири на финалниот концерт, поради неговата „изразито слободна интерпретација на авторскиот текст“, предизвика бурна реакција кај публиката. Неговите извонредни интерпретации му донесоа голем број следбеници, пофалби и критики од музичките експерти. Погорелиќ го привлече вниманието на пошироката музичка јавност во 1980 година, како лауреат на престижниот 14. меѓународен натпревар за пијано во Монтреал, каде што во финалето се претстави со спектакуларна изведба на третиот Концерт за пијано на Сергеј Прокофјев.
Благодарение на бескомпромисните уметнички критериуми и посветената потрага по идеалот на музичкото изразување, Погорелиќ во повеќе од четири децении музицирање, оствари автентични достигнувања, ценети и од публиката и од критиката, додека неговите концерти ширум светот се здобија со статус на култни настани.
Негувајќи го култниот статус на уметникот, во 2006 година, „Deutsche Gramophone“ објави двојно цеде со изведбите на Погорелиќ, насловено „Генијалецот Погорелиќ“. (Д.Т.) Фото: ivopogorelich.com
Commentaires