top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Концерт на Националниот џез-оркестар и Васил Хаџиманов во Охрид

22.07.2024 Juli Ponedelnik

На 11 август, со почеток од 22 часот, на сцената на Долни Сарај, Охрид, концерт ќе одржи Националниот џез-оркестар, а гостин на концертот, на кој ќе диригира маестро Џијан Емин, ќе биде истакнатиот српски пијанист со македонско потекло, композитор и лидер на бенд, познат по својот иновативен пристап кон џез-фјужн и светската музика Васил Хаџиманов.

Роден на 1 ноември 1971 година во Белград, Србија (тогаш Југославија), Хаџиманов потекнува од семејство на музичари; неговиот татко е познатиот пејач, композитор и актер Зафир Хаџиманов, а мајка познатата пејачка и актерка Сенка Велетанлиќ. Васил уште од мали нозе покажува исклучителен музички талент и започнува со своето формално образование по класично пијано, но набрзо навлегува во џезот и фјужн-музиката, црпејќи инспирација од различни музички традиции, вклучувајќи ја балканската, африканската и индиската музика. Во текот на 1990-тите години, Васил Хаџиманов е особено присутен и признаен на српската музичка сцена со својот бенд, изведувајќи уникатен спој на џез-импровизација со елементи на балканските народни ритми и мелодии. Неговата музика се карактеризира со сложени ритми, богати хармонии и длабока интеграција на различни музички култури.

Во текот на својата кариера Хаџиманов има соработувано со голем број меѓународни музичари и има издадено повеќе албуми, кои добиваат позитивни оцени од критиката, меѓу кои „Васил Хаџиманов бенд“ (2001), „7/8 & 11“ (2008) и „Alive“ (2016). Неговите композиции често ги рефлектираат неговите искуства и согледувања за културната различност на Балканот и пошироко. Во 2023 година го издава албумот „Keyf“, чија промоција се одржа неодамна и во земјава и наиде на навистина добар прием од публиката.

Васил Хаџиманов останува водечка фигура во современата џез и фјужн-музичка сцена, признаен како по неговото виртуозно свирење пијано така и по неговата способност да ги премости културните поделби преку музиката.

На концертот во Долни Сарај ќе биде изведен дел од најпознатите композиции на Хаџиманов, адаптирани за изведба со биг-бенд, како и композиции од неодамна промовираниот албум „Keyf“. Аранжманите на композициите се на Владимир Николов, Тони Китановски и самиот Хаџиманов.


0 views

Comments


bottom of page